Фото: ЕПА

Лигата на нациите ќе се игра според изменет формат и на патот кон трофејот и во обидите за пласман во повисок ранг, а и овој пат таа дава можност некои од репрезентациите победници на групите во лигите А, Б и Ц да се пласираат на светско првенство. Македонија во својот прв меч в сабота гостува кај репрезентацијата на Фарските Острови, во лигата Ц, група 4, во која се и Ерменија и Летонија

ФУДБАЛ

Четвртата сезона на фудбалското натпреварување Лига на нациите, која почнува утре, ќе се игра според изменет формат и на патот кон трофејот и во обидите за пласман во повисок ранг, а и овој пат таа дава можност некои од репрезентациите победници на групите во лигите А, Б и Ц да се пласираат на светско првенство (СП). Македонија својот прв меч го има в сабота, на гости кај репрезентацијата на Фарските Острови, во лигата Ц, група 4, во која се и Ерменија и Летонија.
Лигата на нациите ќе биде проширена со додавање нова нокаут-рунда што ќе се игра во март в година, со што ќе се создаде континуитет помеѓу групната фаза, која завршува во ноември, и фајналфор-турнирот закажан за јуни, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА).
И годинава мечевите во групната фаза ќе се играат од септември до ноември. Победниците и второпласираните од четирите групи во лигата А ќе учествуваат во четврт-финалето (ќе се влече ждрепка за двојките, а ќе играат првопласирани против второпласирани), со мечеви дома и на гости, а победниците ќе настапат на фајналфорот.
Како и досега, победниците на групите во лигата Б ќе се пласираат во лигата А, најдобрите во лигата Ц ќе играат во лигата Б, а првопласираните во лигата Д ќе се натпреваруваат во лигата Ц во следното издание на Лигата на нациите.
Од новата сезона, пак, третопласираните селекции во групите во лигата А и второпласираните во лигата Б, како и третопласираните во лигата Б и второпласираните во лигата Ц ќе играат во плејофот за пласман во еден ранг погоре. Последнопласираните во секоја група на лигите А, Б и Ц ќе испаднат еден ранг подолу.’

Проширувањето на Лигата на нациите со натпревари во март ќе се однесува само на одреден број репрезентации, а другите ќе можат да ги почнат своите европски квалификации за пласман на Светското првенство во 2026 година, кое треба да се игра во САД, Канада и во Мексико.
Репрезентацијата на Шпанија е актуелен победник на Лигата на нациите, откако триумфира на фајналфор-турнирот во 2023 година, а од неодамна е и европски првак. Победници на другите две претходни изданија на Лигата на нациите се Португалија (2019 година) и Франција (2021 година). Сите три и сезонава ќе играат во лигата А.
Во европските квалификации за пласман на Светското првенство во 2026 година ќе има 12 групи, а мечевите на програмата се од март до ноември в година. Победниците на 12-те групи директно ќе се пласираат на Светското првенство, а 12-те второпласирани ќе учествуваат во плејофот, заедно со најдоброрангираните четири победници на групите во Лигата на нациите, кои нема да бидат на првите две места во квалификациските групи, пишува УЕФА. Натпреварите во плејофот ќе се играат со полуфиналиња и со финалиња, со по еден натпревар. Учесниците во доигрувањето ќе бидат извлечени во четири плејоф-патеки со по четири репрезентации, пишува Европската фудбалска унија. Н.М.