АЛПСКО СКИЈАЊЕ
Покрај првите ФИС-трки, во Аргентина, Чиле и во Нов Зеланд повеќе репрезентации ќе одржат тренинг-кампови, како Италија, Швајцарија, Франција, Германија, Австрија, Шведска, САД и Норвешка
Денеска во Чиле почнува новата сезона во алпско скијање, во рамките на Интернационалната скијачка федерација (ФИС).
До крајот на август сите скијачи ќе се вратат на патеките, без разлика дали на глечерите во Европа или во скијачките центри на јужната хемисфера, пишува ФИС. Во аргентинското одморалиште Серо Кастор, неколку тима ќе го постават својот базен камп, како Италија, Швајцарија, Франција, Германија, Австрија и Шведска. Во Чиле девет падини се веќе отворени, а првите ФИС-трки во новата сезона се закажани за денеска и за утре во Ел Колорадо, по два велеслалома за мажи и за жени.
Од утре до вторник на програмата се уште четири велеслаломски трки во Аргентина и по четири слалома во Чиле и во Аргентина…, а во август, освен во тие две земји, предвидени се ФИС-трки и во Нов Зеланд.
Бидејќи патеките во Чиле се многу погодни за тренинзи за брзински трки, не е изненадување што брзинските скијачи се упатуваат таму за да тренираат, пишува ФИС. Репрезентациите на Норвешка, Германија, САД, Австрија и на Швајцарија ќе бидат таму, пишува ФИС.
Во Нов Зеланд, пак, отворени се ски-лифтовите во Кардрона и во Маунт Хат, а скијачи од Норвешка и од САД ќе бидат таму на едномесечен тренинг-камп од август, пишува ФИС. Н.М.