Фото: ОФМ

Одбојкарките на Македонија вторпат ќе бидат дел од Европската сребрена лига, и тоа во друштво на репрезентациите на Австрија, Швајцарија, Летонија, Израел, Грузија, Луксембург, Фарските Острови и на Исланд. Предвидени се три турнири од 30 мај до 15 јуни

ОДБОЈКА

Селекторот Стефан Пауновиќ вчера, во хотелот „Горан Пандев“ во Струмица, го имаше првиот собир на женската сениорска репрезентација на Македонија во пресрет на настапот во Европската сребрена лига на Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ). На списокот на Пауновиќ се 20 репрезентативки, објави Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ).
Македонија во Европската сребрена лига дебитира во 2023 година, а сега одново ќе биде дел од ова европско натпреварување, каде што доби и противници со кои ќе може да атакува и на прва победа, пишува ОФМ. Одбојкарките на Македонија вторпат ќе бидат дел од Европската сребрена лига, и тоа во друштво на репрезентациите на Австрија, Швајцарија, Летонија, Израел, Грузија, Луксембург, Фарските Острови и на Исланд.
Според информациите од Одбојкарската федерација на Македонија, подготовките требаше да почнат вчера, со попладневниот тренинг во салата „Парк“, која ќе им биде база на дамите до почетокот на годинашното издание на натпреварувањето. Поради краткиот период за подготовка, репрезентацијата нема да одигра пријателски мечеви. Натпреварите во Европската сребрена лига сезонава ќе се одвиваат според т.н. швајцарски систем, односно во три викенди ќе се играат три турнири, а секоја селекција ќе биде домаќин на еден турнир.
Македонија е домаќин на првиот турнир (од 30 мај до 1 јуни) во салата „Парк“ во Струмица, каде што ќе ги пречека Луксембург и Швајцарија. Во вториот викенд (од 6 до 8 јуни) Македонија ќе игра на Фарски Острови со домаќинот и со Австрија. Македонките ќе бидат, условно кажано, гости на третиот турнир (од 13 до 15 јуни), кој ќе се игра во Струмица, а каде што Израел ќе биде домаќин, а трет учесник на тој турнир е Грузија. По одигрувањето на турнирите ќе биде формирана заедничка табела, од која првите четири најдобропласирани репрезентации ќе играат на завршниот турнир за сезонава во Европската сребрена лига. Г.И.