Фото: ЕПА

Лирен од Кина ќе ја брани титулата против најмладиот предизвикувач на сите времиња, Гукеш од Индија. Мечот за светски првак е прв во 138-те години на кој учествуваат двајца шахисти од Азија. Во Сингапур тие ќе играат за титулата и за наградниот фонд од 2,5 милиони долари. Предвидени се 14 класични партии

ШАХ

Светскиот шампион Динг Лирен од Кина и предизвикувачот Домарају Гукеш од Индија, во присуство на претседателот на Светската шаховска федерација (ФИДЕ), Аркадиј Дворкович, ја одржаа првата прес-конференција за тоа што очекуваат пред мечот за светски првак, од денеска во Сингапур. Во првата партија белите фигури, според ждрепката, ќе ги води Гукеш. Лирен (32) ќе ја брани титулата против најмладиот предизвикувач на сите времиња, Гукеш (18). Лирен играше за Алкалоид, кога македонскиот шампион стана европски клупски првак во 2016 година, а Гукеш има настапувано за ШК Прилеп на ЕКК во Струга во 2021 година, и двајцата на првата табла. Мечот за светски првак е прв во 138-те години на кој учествуваат двајца шахисти од Азија. Тие ќе играат за титулата и за наградниот фонд од 2,5 милиони долари. Предвидени се 14 класични партии (120 минути за првите 40 потези, 30 минути за остатокот од партијата, со зголемување од 30 секунди почнувајќи од 41-от потег).
– Бев многу нервозен на мојот прв меч за светски првак, но овој пат се чувствувам смирено, со многу енергија. Првпат сум во Сингапур и има многу нешта да посетам. Не се случува толку често да играм против играч помлад од мене. Имам повеќе искуство од него, кој е помлад, но веќе ја покажа својата зрелост во многу аспекти. Се надевам дека и двајцата ќе се покажеме најдобро, но знам дека нема да биде лесно да се победи – изјави Динг.
Гукеш истакна дека е многу среќен што е во Сингапур и дека со нетрпение чекал да биде тука откако почнал да игра шах.
– Единствената мисла што ја имам е да дадам сѐ од себе и да видам што ќе се случи. За мене е чест и привилегија да играм за Индија на секаков вид турнир, особено на Олимпијада или СП. Огромен настан и чест е да ги претставувам мојата земја и надежите на Индијанците. Тоа е чест за мене и го сфаќам многу сериозно. Ќе се соочам со Динг Лирен, кој е еден од најдобрите играчи на светот повеќе од една деценија. Мојата работа е многу јасна, секоја партија да биде најдобра верзија од мене и да ги играм најдобрите потези во позициите и, ако го сторам тоа, ако продолжам да играм добар шах, уверен сум дека ги имам сите шанси на светот – вели Гукеш, пишува ФИДЕ.

ДИНГ ЛИРЕН

Лирен е роден на 24 октомври 1992 година во Кина. Шах научил од неговата мајка на четиригодишна возраст. Среќа или судбина е што рано го подучуваше Чен Ликсинг, кој исто така беше тренер на поранешната светска шампионка Жу Чен. Уште како мал реди успеси. Го подели првото место на СП до 10 и до 12 години (2003, 2004). Со само 16 години Лирен стана најмладиот шампион на Кина, со што ја освои титулата велемајстор. Титулата кинески шампион ја освои и во 2011 и во 2012 година. Во 2014-та настапот на Динг ѝ донесе на Кина злато на Шаховската олимпијада (ШО), а повторно во 2015 на екипното СП. Таа година тој стана вториот кинески шахист што влезе во првите 10 во светот, по Ванг Јуе. Во 2018 година, кога Динг освои поединечни и екипни злата на 43. ШО, стана првиот кинески играч што го надминал рејтингот од 2.800 поени (2.816) и стана заеднички десетти највисок во историјата на шахот. Од август 2017 до ноември 2018 година Динг има серија без пораз во класичен шах од 100 партии, подвиг што го надмина само Магнус Карлсен во 2019 година. Во мечот за светски првак во 2022 година во Казахстан, Динг играше со Русинот Јан Непомнијашчи, кој заврши со 7-7, па се играше тајбрејк со побрзо темпо, кој го доби Лирен со 2,5-1,5, станувајќи првиот кинески шахист што станал светски шампион.

ДОМАРАЈУ ГУКЕШ

Гукеш, кој е роден на 29 мај 2006 година во Ченаи, родното место на неколку врвни шахисти во Индија, вклучувајќи го и петкратниот светски шампион Вишванатан Ананд, научил шах на училиште, на седум години, постигнувајќи извонредни успеси на турнирите во текот на само 10 години. Тој ја освои титулата ФИДЕ-мајстор (ФМ) во 2015 година, откако победил до девет години на Училишното првенство на Азија. Со 11 години станува меѓународен мајстор, а титулата велемајстор ја освојува на турнир во Делхи на 15 јануари 2019, на возраст од 12 години, седум месеци и 17 дена, станувајќи вториот најмлад шахист во историјата во тоа време, по Сергеј Карјакин. Тој победи на СП до 12 години, освои пет злата на Првенството на Азија за млади во различни формати (класичен, забрзан брз и тимски шах). Гукеш го привлече вниманието во 2022 година, кога освои поединечно злато на ШО, а Индија (2) освои бронза. Истата година Гукеш ја надмина границата од 2.700 поени, станувајќи трет најмлад шахист што го направил тоа (по Веи Ји и Алиреза Фирузја). Во август 2023 година, со рејтинг од 2.750 поени стана најмладиот играч што некогаш го сторил тоа, а потоа во септември стигна до број осум во светот. Во април годинава, во Торонто, Гукеш повторно го изненади шаховскиот свет во своето прво појавување на Турнирот кандидатите, каде што победи со импресивни девет поени од 14 партии, станувајќи најмладиот предизвикувач за титулата светски првак (17 години, 10 месеци, 24 дена). На ШО 2024 на прва табла освои девет поени од 10 партии, а Индија стигна до првото екипно злато. Г.И.


СВЕТСКИ ПРВАЦИ

ШАХИСТ ГОДИНИ
Вилхелм Штајниц 1886-1894
Емануел Ласкер 1894-1921
Хозе Раул Капабланка 1921-1927
Александар Аљехин 1927-1935,
1937-1946
Макс Еве 1935-1937
Михаил Ботвиник 1948-1957,
1958-1960, 1961-1963
Василиј Смислов 1957-1958
Михаил Таљ 1960-1961
Тигран Петросјан 1963-1969
Борис Спаски 1969-1972
Роберт Фишер 1972-1975
Анатолиј Карпов 1975-1985
Гари Каспаров 1985-1993
Владимир Крамник 2006-2007
Вишванатан Ананд 2007-2013
Магнус Карлсен 2013-2023
Динг Лирен 2023 -?