Прв носител на турнирот со награден фонд од 100.000 долари е Хуго Делиен од Боливија, кој е рангиран на 103-то место на АТП-листата и според својот ранг има обезбеден настап и на гранслем-турнирот Ролан Гарос, а меѓу учесниците е и ланскиот победник, Австриецот Жоел Шварцлер. Македонија има четири претставници во квалификациите, а најдобриот македонски тенисер Калин Ивановски во првото коло ќе игра со осмиот носител, Хрватот Мили Пољичак

ТЕНИС

Со квалификациските мечеви, кои се играа вчера, и со денешното прво коло, на терените на ТК Југ во Скопје почна тенискиот челинџер-турнир „Македонија опен 2025“, кој ќе се игра до 24 мај, за награден фонд од 100.000 долари. Во главната ждрепка ќе настапат 32 тенисери, од кои 21 како директни учесници според рангот, шест преку квалификациите… Во квалификациите, во кои ќе настапат 24 тенисери, 20 како директни учесници и четворица со покани, се играат две кола, а победниците ќе се стекнат со настап на главниот турнир. Ќе настапат и 16 двојки. Вчера на програмата беа 12 меча од квалификациите, а денеска ќе се играат дуели од првата рунда и финалните средби од квалификациите. Утре почнуваат натпреварите во двојки, а ќе биде комплетирана и првата рунда од првото коло. Финалните мечеви на програмата се в сабота.
На турнирот ќе учествуваат и најдобрите македонски тенисери. Супервизор на турнирот е Хорхе Мандл од Аргентина, а македонски судии што ќе бидат дел од турнирот се Зоран Поповски и Анета Павловска, судии на стол.
Четворица македонски тенисери беа дел од вчерашните мечеви од првото коло од квалификациите, Берг Бугариќ, Обрад Марковски, Амар Хусеиновиќ и Стефан Мицов. Најдобриот македонски тенисер Калин Ивановски во првото коло денеска ќе игра со Хрватот Мили Пољичак, кој е осми носител на турнирот. За Ивановски ова ќе биде втор настап на челинџер-турнирот во Скопје. Прв носител на „Македонија опен 2025“ е Хуго Делиен од Боливија, кој е рангиран на 103-то место на АТП-листата и во првото коло ќе игра со тенисер од квалификациите. Тој според својот ранг има обезбеден настап и на гранслем-турнирот Ролан Гарос. Меѓу учесниците е и ланскиот победник, Австриецот Жоел Шварцлер, кој во првата рунда ќе се сретне со Перуанецот Гонзало Буено. На турнирот ќе учествуваат и двајца тенисери што минатата недела триумфираа на челинџер-турнири, Хрватот Дино Прижмиќ, кој победи на турнир во Загреб, и Унгарецот Жомбор Пирош, кој славеше во Тунис, информираат од Тениската федерација на Македонија (ТФМ). Г.И.