Македонската олимписка дијаспора може да послужи како мост помеѓу татковината и глобалната заедница, рече меѓу другото Дивна Пешиќ Грозданов, претседателка на комисијата на Македонската олимписка дијаспора, која на панелот „Зајакнување на македонскиот олимписки дух“ на конференцијата во Њу Џерси имаше обраќање до присутните, образложувајќи ги основните цели на комисијата, кои ќе бидат водилка во периодот што следува, пишува МОК
МОК
Изминатиов викенд во Њу Џерси (САД), Обединетата македонска дијаспора (ОМД) одржа конференција на која учествуваше поранешната македонска олимпијка Дивна Пешиќ Грозданов, претседателка на комисијата на Македонската олимписка дијаспора (МОД), за запознавање на нашите иселеници во САД со активностите што ќе бидат преземени во САД и во Канада, информира Македонскиот олимписки комитет (МОК). Пешиќ Грозданов на панелот насловен „Зајакнување на македонскиот олимписки дух“ имаше обраќање до присутните, образложувајќи ги основните цели на комисијата што ќе бидат водилка во периодот што следува.
Некои од клучните придонеси се зајакнување на националниот идентитет (поврзување на Македонците во странство со нивната татковина преку спортот, зајакнување на културната и националната гордост), развој на таленти (идентификување и поддршка на млади македонски спортисти низ светот што би можеле да ја претставуваат нашата држава или да придонесат со експертиза), финансиска и спонзорска поддршка (ангажирање на дијаспората во финансирање, спонзорства и инвестиции за подобрување на спортската инфраструктура во нашата држава), споделување знаење и искуство (користење експертиза од спортисти од дијаспората, тренери и спортски професионалци за подобрување на спортскиот развој), меѓународно вмрежување (зајакнување на присуството на македонските спортисти во глобалните спортски организации и настани преку поврзување со дијаспората), пренесе МОК.
– Македонската олимписка дијаспора може да послужи како мост помеѓу татковината и глобалната заедница, создавајќи нови можности за соработка, единство и национална промоција преку спортот – рече меѓу другото Пешиќ Грозданов пред присутните.
Веќе се направени и првите контакти со наши потенцијални спортски надежи, а можеби и идни олимпијци, кои ќе се борат за остварување на главната цел на секој спортист, а тоа е медал од олимписки игри, велат од МОК. Г.И.