Фото: Маја Јаневска-Илиева

По седум години, одново ќе се игра фајналфор-турнир во ЛШ

ОДБОЈКА

Фајналфор-турнир во Лигата на шампионите за одбојкари одново ќе се игра по неколку години пауза, а годинава ќе се одржи во Лоѓ (Полска), од 16 до 18 мај, каде што се одржа ваков завршен турнир во 2010 и во 2012 година, објави Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ).
Во Лигата на шампионите сезонава на ред е четврт-финалето, во кое ќе настапат три тима од Полска, два од Италија и по еден од Турција, Германија и од Грција.
Сезонава е 66-та во најсилното европско одбојкарско клупско натпреварување. Фајналфор-турнир во Лигата на шампионите се играше до сезоната 2017/2018, а потоа до лани за титулата се одлучуваше на еден натпревар на неутрален терен. Актуелен европски првак е италијанскиот клуб Итас Трентино. Н.М.


Три младински селекции ќе играат на балканските првенства годинава

Три младински селекции пријави Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ) за учество на балканските шампионати летово, во организација на Балканската одбојкарска асоцијација (БОА), информира ОФМ.
Женската пионерска репрезентација (до 16 години) ќе настапи на Балканијадата од 19 до 23 јуни во Црна Гора, на која ќе настапат и Србија, Турција, Романија, Грција, Бугарија и домаќинот Црна Гора. Одбојкарките до 19 години ќе се натпреваруваат на Балканијадата од 20 до 24 јуни во Албанија. Потенцијална конкуренција на македонските кадетки се домаќинот Албанија, Романија, Србија, Црна Гора, Турција, Грција, Бугарија и Косово. Оваа генерација е најатрактивна за членките на Балканската одбојкарска асоцијација, со оглед на тоа што има најголем број пријавени селекции за ова првенство. Во машка конкуренција, единствен претставник летово на македонската одбојка ќе биде селекцијата на момчиња до 19 години. Тие ќе настапат на Балканското првенство во БиХ, од 9 до 13 јули. Покрај Македонија и организаторот БиХ, учество пријавија Србија, Црна Гора, Романија, Турција, Бугарија и Грција.
ОФМ веќе традиционално се јавува како еден од организаторите на балканските шампионати во одбојка на песок. Годинава ОФМ ќе биде домаќин на генерациите до 22 години во машка и во женска конкуренција, а натпреварувањето треба да се одржи од 25 до 27 јуни, велат од ОФМ. Г.И.


ФУДБАЛ – ЕВРОПСКИ КУПОВИ

Носителите забележаа 10 победи и четири ремија во осминафиналето

Носителите пред ждрепката за осминафиналето за трите европски фудбалски купа, Лигата на шампионите (ЛШ), Лига Европа (ЛЕ) и Конференциската лига (КЛ), забележаа 10 победи и четири ремија во 24-те меча од таа рунда на континенталните натпревари. Од носителите, кои во првите средби играа на гости, а во реваншите идната недела се домаќини, во ЛШ победија четирите првопласирани тима во лигашката фаза, Ливерпул, Барселона, Арсенал и Интер, како и Астон вила, која беше осма, во ЛЕ на гости победија Лион, Глазгов ренџерс, Лацио и Ајнтрахт, а во КЛ славеше Челси, кој е единствен што победи на сите мечеви сезонава во некој од трите европски купа.
Лига на шампионите: Клуб Бриж – Астон вила 1-3, Реал Мадрид – Атлетико Мадрид 2-1, ПСВ Ајндховен – Арсенал 1-7, Борусија Дортмунд – Лил 1-1, Феенорд – Интер 0-2, Пари сен Жермен – Ливерпул 0-1, Бенфика – Барселона 0-1, Баерн – Баер 3-0.
Лига Европа: Сосиедад – Манчестер јунајтед 1-1, ФЦСБ – Лион 1-3, Фенербахче – Ренџерс 1-3, АЗ – Тотенхем 1-0, Плзен – Лацио 1-2, Бодо – Олимпијакос 3-0, Ајакс – Ајнтрахт 1-2, Рома – Атлетик Билбао 2-1.
Конференциска лига: Панатинаикос – Фиорентина 3-2, Бетис – Виторија 2-2, Молде – Легија 3-2, Копенхаген – Челси 1-2, Јагиелонија – Серкл Бриж 3-0, Целје – Лугано 1-0, Пафос – Ѓургарден 1-0, Борац БЛ – Рапид Виена 1-1. Н.М.