Ова се шести Параолимписки игри во низа на кои настапува Оливера Наковска-Бикова и на секои таа влегуваше во финале, што е вистинска потврда на квалитет подолг од 20 години, но и подвиг за историја во спортската кариера на еден спортист. Денеска е нов ден, нова можност, нѐ чека нова дисциплина во квалификациите на П3-спорт пиштол од 25 метри, а најдобрите осум ќе се пласираат во финалето од 16.45 часот, вели селекторот Бранимир Јовановски

ПАРАОЛИМПИСКИ ИГРИ ВО ПАРИЗ

Единствената македонска претставничка на Параолимписките игри (ПОИ) во Париз, стрелачката Оливера Наковска-Бикова, го освои осмото место во дисциплината П2-воздушен пиштол за жени од 10 метри, што претставуваше прв настап за неа на ПОИ 2024.
Претходно, во квалификациите за оваа дисциплина, Наковска-Бикова беше петтопласирана со погодени 558 круга, со што обезбеди место меѓу најдобрите осум натпреварувачки, кои потоа ги продолжија борбите во големото финале. За Наковска-Бикова ова беше шесто последователно финале во низа на параолимписки игри.
– За жал, во финалето, работите не течеа според планираното и очекуваното, се чувствуваше премногу жар, нервоза, премор кај Оливера, но и кај сите натпреварувачки, па на крајот таа по 12 истрели прва го напушти финалето, освојувајќи го осмото место во конечен пласман во оваа дисциплина. Ова се шести Параолимписки игри во низа на кои настапува Оливера, почнувајќи од Параолимписки игри во Атина, во 2004 година, и на секои од нив таа влегуваше во финале, што претставува вистинска потврда на квалитет подолг од 20 години, но и подвиг за историја во спортската кариера на еден спортист. Денеска е нов ден, нова можност, нѐ чека нова дисциплина во квалификациите на П3-спорт пиштол од 25 метри, а најдобрите осум ќе се пласираат во финалето, кое почнува во 16.45 часот – вели селекторот на македонската стрелачка репрезентација и тренер на Наковска-Бикова, Бранимир Јовановски, кој е носител на златен медал од Параолимписки игри во Барселона (Шпанија), одржани во 1992 година.
Наковска-Бикова, која обезбеди норма за настап на овие Параолимписки игри во ноември минатата година, освојувајќи го првото место на Светското првенство (СП) што се одржа во Ал Аин (ОАЕ), во дисциплината пукање со П4-пиштол слободен избор од 50 метри, својот трет и последен настап на стрелиштето во Шатеру на ПОИ 2024 во Париз ќе го има задутре, во дисциплината пукање со пиштол од 50 метри. Г.И.