Фото: ЕПА

Формула 1

Оскар Пјастри (24), роден во Мелбурн, ќе има своја трибина на австралиското гранпри следната година. Тој е водечки во шампионатот на Формула 1 сезонава со девет бода предност пред колегата од Мекларен, Ландо Норис. Пјастри веќе освои повеќе гранпри-трки во една сезона од кој било друг австралиски возач откако почна Светскиот шампионат во 1950 година, со шест досега во 2025 година, пишува „Би-би-си“.
– Никогаш не помислив дека ќе се случи ова, но поддршката е неверојатна и едвај чекам да видам како ќе се вклопи сето тоа во март – напиша Пјастри на Икс.
Трибината ќе биде на главниот рамен дел, спроти питстоп-лентата.
– Гледањето на сите навивачи на мојата трибина директно спроти гаражата на Мекларен ќе биде неверојатно искуство и навистина се радувам да ги почувствувам енергијата и атмосферата – додаде тој.
Пјастри има вкупно осум победи во кариерата, но уште не се искачил на подиумот во три обиди во Австралија.
Ландо Норис и седумкратниот светски првак Луис Хамилтон имаат трибини на патеката во Силверстоун, при што трибината на Хамилтон се наоѓа по главната стартно-целна линија, а на Норис на свијокот „Стоу“.
Четирикратниот освојувач на титулата Макс Ферстапен има трибини именувани по него низ целиот европски дел од календарот на Формула 1, вклучувајќи и во Холандија, во Зандворт. Други австралиски возачи на кои им е дадена честа да имаат трибина на патеката „Алберт Парк“ во Мелбурн се трикратниот светски шампион Џек Брабам, освојувачот на титулата во 1980 година Алан Џонс, Даниел Рикардо и Марк Вебер, пишува „Би-би-си“. Г.И.