ЏУДО
- Се надеваме дека избраните кандидати достојно ќе ја претстават нашата држава, а очекувам да освоиме и медал, вели спортскиот директор на ЏФМ, Мицкоски
Изминатиот викенд во Прилеп се одржаа тренинг-подготовки на пионерската репрезентација на Македонија во проширен состав за настап на Балканското првенство (од 10 до 12 октомври) во Будва (Црна Гора), предводени од селекторот Игор Димитриоски. За време на подготовките, репрезентативците беа посетени и од спортскиот директор на Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ), Дејан Мицкоски, кој активно партиципираше во подготовките.
– Целта на одржаните тренинг-подготовки викендот во Прилеп за потенцијалните кандидати за пионерската селекција беше селекторот да ја види моментната техничка и кондициска подготовка на џудистите од оваа возрасна категорија, бидејќи имаше еден поголем временски интервал од државните првенства за пионери, кои се одржаа пролетта. На дводневните тренинг-подготовки, повиканите џудисти го дадоа максимумот, одработија неколку одлични тренинзи и имаа меѓусебни борби, по што следен чекор ќе биде изборот на репрезентативци, кои ќе ги претставуваат нашата федерација и нашата држава нa Балканското првенство за пионери во Будва – вели Мицкоски.
Меѓународниот традиционален турнир во Прилеп претстојниов викенд, „Прилеп град херој 2025 Цевитана куп“, 15-ти по ред, ќе биде и последна можност за финални подготовки пред заминувањето на Балканијадата во Будва.
– Последен тест за оваа возрасна категорија ќе биде учеството на меѓународниот турнир во Прилеп викендов иако дел од нив во периодот претходно учествуваа во континуитет на меѓународни турнири од ваков тип во нивната возрасна категорија. Конкуренцијата на ова Балканско првенство, кое претставува едно од најмасовните со учество на сите балкански држави, е мошне силна. Се надеваме дека избраните кандидати достојно ќе ја претстават нашата држава, а очекувам да освоиме и медал – изјави Мицкоски.
Викенд-подготовките беа во организација на ЏФМ со техничка поддршка на џудо-клубот Сеишин од Прилеп. Г.И.