По завршувањето, ФИДЕ ќе спроведе темелна анализа на резултатите и ќе собере повратни информации од учесниците пред да донесе одлука за понатамошна имплементација
ШАХ – ФИДЕ
Советот на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) одобри пилот-проект со кој се воведуваат турнири со пократки временски контроли што ќе се сметаат во стандардната рејтинг-листа. Според постојните прописи, минималната временска контрола за една партија да биде оценета како стандардна зависи од рејтингот на играчите (под претпоставка таа да трае 60 потези), а тоа се: ако барем еден играч е оценет со 2.400 или повисоко (120 минути по играч), ако барем еден играч е оценет со 1.800 или повисоко (90 минути по играч), ако двата играчи се оценети под 1.800 (60 минути по играч), информира ФИДЕ.
Како дел од пилот-проектот ќе се играат три турнири со временска контрола од 45 минути плус зголемување од 30 секунди по потег (почнувајќи од првиот) и нивните резултати ќе се сметаат во стандардните рејтинзи на играчите. Тие турнири се: Купот на Катар (7-13 септември), септемвриски класичен турнир во Центарот за обука на Кју-си-еј (25-27 септември), Светското екипно првенство за жени (17-24 ноември). Овие настани ќе ги следат правилата за стандарден рејтинг, но со специфични услови: нема да се доделат норми за титула, а организаторите не смеат да закажуваат повеќе од две кола дневно.
Зошто „Брз класик“? Иницијативата одговара на растечкото барање од играчите и организаторите да се признае „брзиот класик“. Во современиот живот, времето е сè поограничено и постои јасен тренд кон пократки формати, кои остануваат сериозни и конкурентни. Првичната идеја ја предложи Олег Скворцов, шаховски покровител, организатор на шаховскиот турнир во Цирих (2012-2017), кој предложи настани со кола што траат 2-3 часа, овозможувајќи одржување на две кола во еден ден.
ФИДЕ ја препознава важноста на ова прашање и пристапува кон него со должна одговорност. Пилот-настаните ќе послужат како тест-случај во реалниот свет. По нивното завршување, ФИДЕ ќе спроведе темелна анализа на резултатите и ќе собере повратни информации од учесниците пред да донесе одлука за понатамошна имплементација. Г.И.