Петрески, како и лани, победи во категоријата до 18 години, а Жежовска за првпат триумфира до 16 години

ШАХ – МЛАДИНСКИ ПРВЕНСТВА НА МАКЕДОНИЈА

Младинските првенства на Македонија, кои се играат во Струга, во категориите до 8, 10, 12, 14, 16 и 18 години, со учество на 121 шахист и 32 шахистки, што е најголема бројка во изминативе три години, полека привршуваат. Кај девојчињата, по добиените шампионки во категориите до 8, 10 и 18, години, позната е и најдобрата во категоријата до 16 години, а кај момчињата на првопласираните до осум и 10 години им се придружи и шампионот во категоријата до 18 години. Вчера останаа уште да се добијат новите шампионки до 12 и 14 години и шампиони на Македонија до 12, 14 и 16 години.
Леонид Петрески (2.097 рејтинг-поени) од МШК Центар од Скопје, како и лани, победи во највозрасната категорија до 18 години, освојувајќи 4,5 поени од шест кола меѓу 13 учесници, колку што имаше и второпласираниот Теодор Јовановски (1.923) од ШК Алкалоид, но со послаб дополнителен критериум. Трет е Валтон Џеладин (1.666) од ШК Куманово со четири поени, колку што имаа Стојан Велкоски (1.936) од ШК Алкалоид и петтопласираниот Константин Лушески (1.735) од ШК Ласкер од Охрид. Во 2022 година, во оваа категорија Петрески освои 5,5 поени од седум кола меѓу 13 шахисти, додека во 2021 година, но во категоријата до 16 години беше вицепрвак со шест поени од седум кола, во конкуренција на 16 учесници.
Кај девојчињата, во категоријата до 16 години, меѓу три учеснички убедливо прва со максимални четири поени победи репрезентативката Моника Жежовска (1.783) од ШК Гамбит Асеко СЕЕ, што е наедно нејзина прва титула во оваа категорија. Втора е Јована Давиткова (1.336), а трета Бонита Јакимова (1.193), и двете од ШК Алкалоид со по еден освоен поен. Во 2022 година во оваа иста категорија настапија четири шахистки, а победи Инџи Ајрадиноска, а трета беше Јакимова, додека во 2021 година имаше три учеснички, а шампионка стана Михаела Зрмановска. Г.И.