Ѓоковиќ (десно), го доби последниот дуел против Алкараз на ЛОИ во Париз / Фото: ЕПА

Во пет децении од основањето на АТП-листата, само 29 тенисери успеале да се искачат на првото место во светот во поединечна конкуренција од вкупно 15 држави

ТЕНИС – ПОЕДИНЕЧНА АТП-ЛИСТА

Нема поголем предизвик во тенисот од тоа да се биде рангиран прв во светот, со помош на огромниот ментален и физички напор што е потребен. Во пет децении од основањето на АТП-листата, само 29 тенисери успеале да се искачат на првото место во поединечна конкуренција од вкупно 15 држави, пишува специјализираниот спортски портал „Тенис 365“.

САД – шестмина играчи
САД, веројатно најдоминантната нација во историјата на тенисот, произведоа неверојатни шест светски играчи што биле број 1, односно двајца повеќе од која било друга нација. Во 286 седмици, само двајца играчи поминале повеќе време на врвот од Пит Сампрас, 14-кратниот гранслем-победник. Зад него е Џими Конорс, со осум гранслем-титули и 268 недели на врвот на АТП-листата. Неговиот голем ривал Џон Мекинро владееше 170 недели. Тениската икона Андре Агаси помина 101 недела на врвот, Џим Куриер беше 58 недели, а Енди Родик 13 недели.

Шпанија – четворица играчи
Друга нација со богата тениска историја е Шпанија, а нејзиниот тениски успех во последните години го дефинираше еден човек, Рафаел Надал. Како победник на 22 гранслем-турнири, тој помина вкупно 209 недели како светски тенисер број 1, а само петмина владееја подолго од него. Со 36 недели, големата тениска надеж на денешницата Карлос Алкараз (21) со 19 години, четири месеци и шест дена е најмладиот тенисер број 1 во историјата, а досега освоил четири гранслем-турнири. Тренерот на Алкараз, Хуан Карлос Фереро, мина осум недели на врвот во текот на својата кариера, додека Карлос Моја беше две недели.

Шведска – тројца играчи
Иако е без голем тениски успех во последно време, Шведска создаде тројца од најголемите АТП-играчи во историјата. Најпознат е веројатно Бјорн Борг, вистинска тениска икона, кој освои 11 поединечни гранслема и мина 109 недели на врвот на оваа листа во доцните 1970-ти и раните 1980-ти години. Борг беше сменет од седумкратниот гранслем-победник Матс Виландер, кој беше на врвот 20 недели во неговата кариера. Него потоа го смени Стефан Едберг, човекот што ги израмни неговите шест гранслем-триумфи минувајќи 72 недели на врвот.

Австралија – тројца играчи
Друга нација што создаде големи шампиони низ годините е Австралија, со тројца тенисери што беа на врвот во ерата на АТП-турнејата. Најдолго меѓу нив владееше двократниот гранслем-победник Лејтон Хјуит, некогаш најмладиот број 1 во историјата на АТП, кој го држеше тоа рангирање вкупно осум недели. Седумкратниот гранслем-победник Џон Њукомб мина осум недели на врвот на почетокот на АТП-ерата, додека Пет Рафтер беше број 1 само седум дена во 1999 година.

Русија – тројца играчи
Првиот светски број 1 од Русија беше Евгениј Кафелников, двократен гранслем-победник и олимписки шампион, кој ја имаше таа позицијата шест недели во 1999 година. Но брзо беше сменет од уште еден двократен гранслем-победник, Марат Сафин, кој исто така владееше девет недели во три различни периоди. Во поново време, Даниил Медведев тргна по нивните стапки, кој беше 16 недели број еден во светот.

Србија – еден играч
Најголемиот тенисер во историјата на машкиот тенис е секако Србинот Новак Ѓоковиќ, за кого понекогаш е тешко да се најдат зборови за да се опише она што тој го стори во текот на неговата кариера.Новак освои рекордни 24 гранслем-титули, 40 мастерс 1.000 титули и седум титули од АТП-финалињата. Но, можеби неговите неверојатни 428 недели досега како светски број 1 тенисер се неговото најголемо достигнување. Ѓоковиќ е и најстариот број 1 во историјата, кој има поминато повеќе недели на врвот од кој било друг тенисер. На ЛОИ 2024 во Париз се закити со златен медал, победувајќи го младиот надежен Шпанец Карлос Алкараз.

Чешка/Чехословачка – еден играч
Најуспешниот машки тенисер од 1980-тите, според бројот на гранслем-титулите, вкупно осум, е Иван Лендл, кој играше во 11 финалиња. Неговата доминација резултираше со 270 недели на врвот на листата во текот на неговата кариера, бројка што само тројца други тенисери успеаја да ја надминат.

Германија – еден играч
Германија е уште една држава што постојано произведува тениски таленти. Еден од најпопуларните и најпочитувани секако е Борис Бекер. Тој освои импресивни шест гранслем-титули и мина 12 недели на врвот на АТП-листата.

Велика Британија – еден играч
Еден од најголемите британски спортисти на сите времиња е секако Енди Мари, кој се прослави со неговите незаборавни триумфи, двете победи на Вимблдон, двата олимписки златни медали и една победа на САД опен. Мари на светскиот врв остана 41 недела.

Швајцарија – еден играч
Еден од најголемите играчи на сите времиња, Швајцарецот Роџер Федерер стана еден од најомилените спортисти на својата генерација за време на неговата успешна кариера, освојувајќи 20 гранслем-титули и минувајќи неверојатни 310 недели на светскиот врв, со серија од 237 последователни седмици во текот на 2000-тите.

Австрија – еден играч
Малкумина можеа да му парираат на Томас Мустер кога беше на врвот на својата кариера. Австриецот е можеби најпознат по освојувањето на турнирот Ролан Гарос во 1995 година, но во текот на неговата кариера исто така има освоено повеќе титули во Монте Карло и во Италија. Тој на врвот мина шест недели.

Чиле – еден играч
Пионерот на латиноамериканскиот тенис Марсело Риос стана првиот играч од јужноамериканскиот континент што беше светски играч број 1, кога го достигна врвот во 1998 година. Финалистот на Австралија опен во 1998 година е единствениот човек во историјата што стигнал на врвот на АТП-листата без да освои гранслем-титула, иако има 18 АТП-титули. Со висина од 175 см, тој влезе во историјата и како најнизок играч број 1 на АТП-рангирањето.

Бразил – еден играч
Еден од попопуларните тенисери во светот, особено во Бразил и Париз, каде што на Ролан Гарос победи трипати (1997, 2000 и 2001), е Густаво Кертен. Тој ја освои титулата на Ролан Гарос во 1997, 2000 и 2001 година. Неговиот успех во доцните 1990-ти и раните 2000-ти кулминира со тоа што за првпат стигна сам на врвот кон крајот на 2000 година, држејќи ја првата позиција 43 недели во три циклуси.

Романија – еден играч
Илие Настасе засекогаш ќе остане во тениската историја како првиот играч што официјално бил број 1 на АТП-турнејата. Шампион на САД опен и Ролан Гарос, застана на врвот кога започна рангирање на 23 август 1973 година. Романецот ја држеше првата позиција вкупно 40 недели.

Италија – еден играч
На почетокот на јуни годинава и официјално Јаник Синер стана рекет број еден во светот. Италијанскиот играч го презеде тронот од Србинот Ѓоковиќ и моментално е на врвот на машката АТП-листа.