Фото: ЕПА

Со освојување 10 бонус секунди за победата, Педерсен го помина на врвот за девет секунди дотогашниот лидер, Словенецот Роглич

ВЕЛОСИПЕДИЗАМ – ЏИРО Д`ИТАЛИЈА

Мадс Педерсен ја врати водечката розова маичка на престижната велосипедска трка Џиро д’Италија откако беше најбрз во завршниот спринт на третата етапа (три часа, 49 минути, 47 секунди). Данецот, кој ја освои првата етапа, го победи Корбин Стронг, со што ја забележа својата втора победа на оваа трка, возена во Валона (Албанија). Ушет деветмина велосипедисти имаа исто време со победникот. Со освојување 10 бонус секунди за победата, Педерсен го помина на врвот за девет секунди дотогашниот лидер, Словенецот Примож Роглич, кој заврши безбедно во групата. Педерсен (29) сега е во водство во генералниот пласман за девет секунди пред Роглич, а неговиот колега од Лидл-Трек, Чехот Матијас Вацек, кој беше пет секунди поназад, е на третото место со задоцнување од 14 секунди. Поранешниот светски шампион беше добро позициониран покажувајќи импресивна моќ за да го одбрани нападот на Стронг од Нов Зеланд.

– Сите во тимот направија суперневеројатна работа на искачувањето. Да, имаме две етапни победи веќе, а сега повторно ја носам розовата маичка, тоа е токму она што го сакавме – рече Педерсен, пренесе „Би-би-си“.
Роглич, кој победи на Џиро д’Италија во 2023 година, нема да биде вознемирен од губењето на водството во генералниот пласман во овој момент, оти до крајот има уште 18 етапи. Неговиот најблизок главен ривал за титулата, Шпанецот Хуан Ајосо, е 16 секунди зад Роглич, на петтото место во генералниот пласман. Британецот Макс Пул моментално е седми, со 33 секунди зад Педерсен. Данецот ќе се стреми и кон трета победа на етапата, кога трката ќе продолжи во Италија, по денот за одмор вчера. Четвртата етапа од Алберобело до Лече (189 км), која е на програмата денеска, е рамна и пожелна за спринтерите. По првите три етапи возени во Албанија, трката сега продолжува во Италија. Г.И.