Во спортската сала „Парк“ во Струмица, Македонија го отвора турнирот утре со
Луксембург, а в недела ќе игра со Швајцарија
ОДБОЈКА – ЕВРОПСКА СРЕБРЕНА ЛИГА
Женската одбојкарска репрезентација на Македонија од утре до недела во спортската сала „Парк“ во Струмица ќе биде домаќин на првиот од трите турнири во годинашното издание во Европската сребрена лига. Сениорките вторпат ќе бидат дел од ова натпреварување. Репрезентацијата растеше заедно изминативе неколку години и сите веруваат дека сега е вистинското време за убави нешта, односно победа, која многу години ја чека женскиот национален тим, велат од Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ). Вратите на салата „Парк“ ќе бидат широко отворени за сите љубители на одбојката.
– Годинава искрено очекувам да постигнеме високи резултати. Мислам дека конечно и ќе победиме на некој натпревар. Противниците не се многу лесни, но може да им парираме. Многу сме поподготвени од претходните години, имаме и девојки што играат во странство. Мислам дека ќе бидеме супер годинава. Очекувам многу публика да дојде, да нѐ поддржат, бидејќи во ова издание публиката треба да биде нашиот седми играч – вели репрезентативката Ана Павлоска.
Македонија го отвора турнирот утре од 20 часот со мечот со Луксембург, в сабота македонските одбојкарки се слободни, а Луксембург ќе игра со Швајцарија (20 ч.). В недела, во истиот термин, Македонија ќе ја пречека Швајцарија. Натпреварите ќе бидат директно пренесувани на националниот телевизиски сервис, информира ОФМ. Г.И.