В четврток македонската репрезентација патува за Фарските Острови, каде што викендов, на вториот турнир од Европската сребрена лига, ќе игра со домаќинот и со репрезентацијата на Австрија
ОДБОЈКА – ЕВРОПСКА СРЕБРЕНА ЛИГА
Женската одбојкарска репрезентација на Македонија го заврши првиот турнир од Европската сребрена лига, во салата „Парк“ во Струмица, со по една победа и пораз. Историската победа и прва европска по пауза од 17 години, кога во рамките од претквалификациите за ЕП 2009 во СРЦ „Кале“ во Скопје беше совладан Исланд со 3-1, беше остварена на дуелот со селекцијата на Луксембург со 3-0 (25-16, 25-19, 25-15), во рамките на првиот турнир на Европската сребрена лига за годинава. Во вториот дуел Македонките загубија со 0-3 во сетови (7-25, 16-25, 6-25) од фаворитот Швајцарија, која го презентира својот квалитет и заслужено стигна до убедлив триумф. На овој турнир Швајцарија го совлада и Луксембург со 3-0 (25-11, 25-13, 25-14).
Македонија моментно во ова натпреварување, во кое настапуваат девет репрезентации, е на шестото место со три бода. Водат Швајцарија и Летонија со по шест бода. Првите две селекции ќе се пласираат во следната фаза, во плејоф-финалето.
– Не знам што се случи. Не можевме ништо, сѐ што се обидовме да направиме заврши безуспешно. Статистички гледано имавме подобар прием од првиот меч со Луксембург, но нивната игра на мрежа и блокот беше нешто што не успеавме да го разбиеме. Разликата во квалитетот го направи своето. Свесни сме дека вака не смее и не може. Веќе имавме состанок, разочарани сме што не дадовме посилен отпор, но мислам дека ова ќе ни биде добра лекција за будење. Треба што побрзо да се кренеме. Веќе се насочуваме кон следните натпревари. Имаме уште четири меча за играње и нема предавање – рече македонскиот селектор Стефан Пауновиќ, пренесе Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ).
Женската репрезентација денеска и утре ќе тренира во Струмица, а в четврток патува за Фарските Острови, каде што викендов, на вториот турнир од Европската сребрена лига, ќе игра со домаќинот и со репрезентацијата на Австрија. Г.И.