УТРЕ ВО СКОПЈЕ ПОЧНУВА КАДЕТСКОТО ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО ЏУДО

Конкуренцијата е премногу силна, добар дел селекции имаат врвни џудисти во својот состав, така што за секој учесник на ова Европско првенство ќе биде тешка задача да стигне до борба за медал. Организацијата на ЕП е голем исчекор напред за нашата џудо-федерација и воопшто за македонскиот спорт, и се надевам дека ќе даде силен импулс кон понатамошниот тек на кревање на квалитетот и нивото на македонското џудо, вели селекторот на македонската кадетска репрезентација Игор Паскоски

Во пресрет на Европското првенство (ЕП) во џудо за кадети, од утре до недела во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, македонските претставници, вкупно 16, веќе се во Скопје, каде што ги одржуваат заедничките завршни тренинзи. Селекторот на македонската кадетска репрезентација Игор Паскоски и тренерот Александар Фузевски, во координација со стручниот тим, последните денови пред почетокот на ова престижно натпреварување ќе ги одработат финалните подготовки, кои претежно се базираат на регулирање на тежинските категории, како и на техничко-тактичката и психолошка подготовка на македонските репрезентативци, кои се надеваме дека успешно ќе се претстават пред европската џудо-елита.
Ова ќе биде и убава можност љубителите на џудо-спортот кај нас да присуствуваат во што поголем број на овој значаен настан, кој ќе почне утре во девет часот, а свеченото отворање е закажано во 16 часот. Во Скопје ќе настапат 40 репрезентации од вкупно 51 земја членка на Европската џудо-унија. Непосредно пред почетокот на овој атрактивен спортски настан во Македонија разговаравме со Паскоски, селекторот на кадетската репрезентација и тренер на клубот Миоки од Скопје.

Што може да очекуваме од македонските џудисти на ова силно ЕП за кадети?
– Реалната слика во моментов е дека шансите за медал се минимални. Познавачите на џудото кај нас знаат дека токму оваа натпреварувачка година имаме смена на генерации, така што во моментов најмногуброен е подмладокот, односно џудисти што се прва или втора година во оваа возрасна група и кои уште го немаат соодветното ниво и искуство, кое е многу потребно. Сепак, ова учество ќе биде значајно за нивната понатамошна спортска кариера и секако мотив за идните предизвици што ги очекуваат. Сите наши репрезентативци се во одлична физичка форма, психичкиот фактор варира индивидуално и затоа ги имаме овие завршни подготовки, а најмногу за да се редуцира стресот и да се намалат негативните ефекти од големината на настанот.

Кои џудисти може да се вмешаат во борбата за висок пласман?
– Учесници со поголемо искуство и кои би можеле со добра ждрепка да се пласираат на повисока позиција се Анамарија Стојмиловска и Никола Петров. Сепак, конкуренцијата е премногу силна, добар дел селекции имаат врвни џудисти во својот состав, така што за секој учесник на ова Европско првенство ќе биде тешка задача да стигне до борба за медал.

Кои репрезентации очекувате да доминираат во Скопје?
– Според квалитетот, најмногу се издвојуваат селекциите на Франција, Русија, која настапува под името на ИЏФ, Грузија, Азербејџан итн.

Што би им препорачале на љубителите на џудото во Скопје и во Македонија пред почетокот на оваа голема спортска приредба?
– Едноставно, ги повикувам сите љубители на спортот да дојдат и да ги следат борбите, да навиваат за македонските натпреварувачи, а посебно да уживаат во финалниот блок, односно во борбата за медали. Организацијата на ова ЕП е голем исчекор напред за нашата џудо-федерација и воопшто за македонскиот спорт и се надевам дека ќе даде силен импулс кон понатамошниот тек на кревање на квалитетот и нивото на македонското џудо. Г.И.