Во финалето на водечките шахисти на светската ранг-листа Норвежанецот го совлада Накамура со 1,5-0,5, на турнир со варијанта на шах во која почетните места на фигурите од првиот ред се измешани

Поранешниот светски првак и актуелен највисокорангиран шахист во светот, Норвежанецот Магнус Карлсен (2.837 рејтинг-поени), ги освои првото место, паричната награда од 200.000 долари и 25 поени, на вториот од петте турнири од турнејата во т.н. Фишеров шах (варијанта на шах во која почетните места на фигурите од првиот ред се измешани) во Париз (Франција), вреден 750.000 долари.
Тој во финалето со класично темпо на игра славеше со 1,5-0,5 против Американецот Хикару Накамура (2.804), добивајќи ја првата партија, а ремизирајќи со црни фигури во втората. Накамура за овој пласман освои 18 поени и 140.000 долари. Во борбата за третото место Американецот Фабиано Каруана (2.776) го победи со 1,5-0,5 Германецот Винсент Кејмер, славеникот на првиот турнир во Вајсенхаус (Германија), и со тоа го освои третото место, како и 15 поени и 100.000 долари. На тој прв турнир Карлсен беше на третата позиција откако во полуфиналето загуби од Кејмер.
На вториот од серијата турнири чија цел е промовирање на Фишеровиот шах, другите од оваа турнеја се во Њујорк (јули), Њу Делхи (септември) и во Кејптаун (декември), настапија 12 шахисти, а на првиот играа 10 шахисти. Тие прво играа меѓу себе, еднаш со забрзано темпо (10 минути плус 10 секунди по секој потег), по што првите осум продолжија по нокаут-систем, кој се состоеше од две партии со класично темпо (90 минути плус 30 секунди по секој потег). Во случај на нерешен резултат се играа уште две партии (10 минути плус 10 секунди), а ако беше потребно, и со побрзо темпо. Во Париз настапи и актуелниот светски првак во стандарден шах, Индиецот Домарају Гукеш (2.787), но не се пласира меѓу првите осуммина што продолжија понатаму. По два одиграни турнира води Карлсен со 40 бода, а потоа се Кејмер со 37, Каруана со 33, Накамура со 28, Синдаров со 12 итн. Г.И.