На ПОИ 2024 во Париз ќе настапат над 4.500 спортисти, кои ќе се обидат повторно да уриваат рекорди, а со тоа и да ги надминат сите човечки предрасуди. Параолимпискиот оган ќе биде запален на 24 август, четири дена пред почетокот на ПОИ во Париз, објавија француските организатори. За разлика од олимпискиот пламен, кој својот пат го почнува од Грција, параолимпискиот факел традиционално тргнува од Англија. Тој ќе биде запален во Стоук Мендвил, место помеѓу Лондон и Оксфорд, а потоа ќе замине за Франција, каде што на 28 август е предвидено да започнат ПОИ. Притоа факелот ќе мине преку тунелот Ла Манш, а ќе го носат 24 англиски спортисти, додека на половина пат ќе го преземат 24 француски спортисти. ПОИ за првпат се одржани во 1948 година по иницијатива на британскиот лекар Лудвиг Гутман.