ШАХ НА КОНФЕРЕНЦИЈАТА ЗА СПОРТСКА АНАЛИТИКА
- Шахот и годинава беше присутен на еден од водечките светски собири на спортски директори, аналитичари и иноватори
Специјализираната шаховска интернет-страница „Чес“ се враќа на конференцијата за спортска аналитика МИТ Слоун во Бостон (САД), повторно носејќи го шахот на еден од водечките светски собири на спортски директори, аналитичари и иноватори. Како што шахот продолжува да расте, годишниот собир на експерти, лидери во индустријата и страсни ентузијасти од целиот спортски свет дава одлична можност да ѝ се претстави шахот на поширока публика. „Чес“ стана редовно присутен на настанот, организирајќи панел-дискусија веќе осма година по ред.
Минатогодишниот панел истражуваше како шахот може да се развива и какви лекции може да позајми од други спортови. Годишнава шаховска програма почна во саботата, со дискусија насловена како „Што нѐ учи шахот за натчовечкиот свет со вештачка интелигенција“. Панелот го водеше интернационалниот мајстор (ИМ) Дени Ренш, а учествуваа ВМ Ерик Хансен, претседателот на кошаркарските операции на Филаделфија 76, Дарил Мореј, заедно со Мег Рисдал и Федерико Барберо од „Гугл“. Тие истражуваа како шахот нуди увид во светот кој сѐ повеќе го обликува вештачката интелигенција и какви лекции може да понуди играта за областите што се движат од спортската аналитика до научните истражувања. „Чес“ ќе биде домаќин на неколку шаховски настани во текот на конференцијата, вклучувајќи го и „Погоди го ЕЛО-рејтингот“, мечот „Рака-Мозок“, во кој ќе учествуваат велемајсторот Аман Хамблтон и Мори, против велемајсторот Џенифер Шахаде и Бил Чен, квантитативниот аналитичар, покер-играч и дизајнер на софтвер.
– „Рака-Мозок“ е личен фаворит оти ги открива двата главни дела од секоја одлука: смислување опции и избор на една – рече Шахаде.
На сесијата за шаховски бокс беа пријавени Мет Томас, првиот американски светски шампион во шаховски бокс, ФМ Џејмс Канти, актуелен светски шампион во шаховски бокс во тешка категорија, и ФМ Вилијам Грајф, покрај Шахаде и Ренш. Работилницата комбинираше демонстрации со увид во менталната и во физичката подготовка зад хибридниот спорт. Г.И.
































