БРЗОПОТЕЗЕН ТУРНИР „ИГРАМЕ ШАХ ЗА КОЧАНИ 2025“

Интернационалниот мајстор (ИМ) Филип Панчевски (рејтинг 2.397, рангиран трет пред почетокот на турнирот), член на ШК Алкалоид, го освои првото место на меѓународниот турнир во забрзан шах „Играме шах за Кочани 2025“, организиран од Општина Кочани, градскиот шаховски клуб Кочани и со поддршка од Шаховската федерација на Македонија (ШФМ).
Сите парични приходи од овој турнир се донираат во Фондот за загинатите и за повредените во несреќата што се случи на 16 март годинава во Кочани. Во конкуренција на 116 учесници (тројца ВМ, осум ИМ, двајца ЖИМ, пет ФМ, еден ЖФМ) од четири шаховски федерации (Македонија 106, Бугарија шест, Србија три и Косово еден), Панчевски по девет кола (темпо на игра 10 минути плус пет секунди по секој потег) освои осум поена (седум победи и две ремија) и нови 10,3 рејтинг-поени. Второто место му припадна на ИМ од Бугарија Велисав Куков (2.260, рангиран 11-ти) со 7,5 поени, а трет е младиот репрезентативец и член на Гамбит АСЕЕ, ФМ Александар Златков (2.340, рангиран шести) со седум поени и нови 8,4 рејтинг-поени.
Меѓу 10-те шахистки што настапија на турнирот, најдобар пласман оствари македонската репрезентативка и членка на ШК Алкалоид, ЖФМ Моника Жежовска (рејтинг 1.961, рангирана 30-та), која го освои 21-то место.
Таксата за учество изнесуваше 500 денари и таа беше донирана во Фондот за донација. Наградниот фонд обезбеден од Општина Кочани, исто така, беше дониран во Фондот за донација за загинатите и за повредените во несреќата во Кочани. Организаторот обезбеди таблети за најдобрите тројца шахисти, како и пехар и медали, но имаше и други стоковни награди, како шаховски книги, шаховски гарнитури и слично. Г.И.