АЛПСКО СКИЈАЊЕ

Нова знаменитост е додадена на спортската мапа на Словачка – музејот „Петра Влхова“, кој го слави патувањето на олимписката шампионка од нејзините почетоци во детството до врвот на алпското скијање, објави Интернационалната скијачка федерација (ФИС). Церемонијата на отворањето на музејот ги собра Петра Влхова, нејзиното семејство, членовите на тимот, спонзорите, партнерите и навивачите, токму луѓето што први го замислија проектот и неуморно работеа за да го остварат. Мирослав Ледецки ја иницираше идејата заедно со таткото на Петра, Игор.
– Благодарам на сите мои обожаватели и поддржувачи што придонесоа за ова. Создадовте нешто невидено во Словачка, нешто што ви припаѓа на сите вас. Се надевам дека ова место ќе ги инспирира децата да спортуваат, а можеби некои од нив ќе ги следат моите стапки – рече Петра Влхова, која го донираше својот потпишан шлем од Зимските олимписки игри во Пекинг во 2022 година, каде што освои историско злато во слалом, пренесе Интернационалната скијачка федерација. Н.М.