Во 1975 година Антонија со репрезентацијата на поранешна Југославија беше трета екипно на Медитеранските игри во Алжир и на Балканијадата во Плевен во Бугарија. Таа беше учесничка и на едно светско првенство во Варна и на многу меѓународни приредби. Кариерата во гимнастичкиот спорт ја заврши како меѓународна судијка и комесарка за полагање судиски испит

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (328)

Антонија Николовска-Лазаревиќ (2)

Поминаа 50 години од Медитеранските игри (МИ) во Алжир во 1975 година, а кај нашата гимнастичка шампионка Антонија Николовска-Лазаревиќ уште се свежи сеќавањата од настапот, кога со репрезентацијата на поранешна Југославија го освои третото место во екипна конкуренција. На истите игри таа и во поединечна конкуренција во финалето во прескок беше одлична и во силната конкуренција стигна до шестата позиција. Овие два резултата беа мошне значајни, не само за Антонија туку воопшто и за македонската гимнастика. Тие беа доказ дека и кај нас има талентирани девојки, кои можат рамноправно да се носат со ривалките од другите земји. Бронзата од МИ во Алжир беше поттик за нови остварувања, не само за неа туку и за една цела талентирана генерација, во која посебно се истакнуваа Шулевска, Стојановска, Терзиевска, Јосифовска и уште неколку девојки што секојдневно тренираа и го креваа својот квалитет.

Блесок во 1974 година

Сепак, од сите македонски гимнастичарки во тоа време, Антонија стигна најдалеку. Таа беше стандардна репрезентативка на Југославија, па така, имаше можност своите квалитети често да ги манифестира не само на домашната туку и на меѓународната сцена.
– За мене охрабрувачка беше 1974 година, кога имав неколку забележителни настапи, кои ми обезбедија стандардно место во југословенската репрезентација. Пријатно ги изненадив сите љубители на спортот во Македонија кога на Купот на градовите во Нови Сад го освоив третото место. Тој пласман, да бидам искрена, беше изненадувачки и за мене. Тогаш сфатив оти доколку продолжам со тренинзите, ќе можам да очекувам и нови успеси, па дури и освојување медали на големите приредби. Впрочем, тоа се потврди веќе следната година, со настапот на Медитеранските игри, кои за нас, тогашните репрезентативци на поранешната држава, претставуваа еден од најголемите настани. За него специјално се подготвувавме, зашто тука требаше да ја покажеме нашата вистинска сила. Иако се работеше за регионален, тоа беше многу квалитетен натпревар што спортистите од Медитеранот со нетрпение го очекуваа и се добиваше впечаток, во најмала рака, како да станува збор за некое европско првенство. Толку многу беше значаен овој натпревар – вели нашата поранешна шампионка Антонија.
Јас како коментатор на тогашно ТВ Скопје, заедно со колегата Иван Мировски бевме присутни на тие Игри. Затоа, ќе направам една дигресија и ќе кажам оти таму не само што имавме свои спортисти туку целата југословенска делегација беше предводена од спортски работници од Македонија. Шеф на делегацијата беше Џоџа Николовски, кој тогаш беше претседател на СОФК на Македонија, а во спортскиот свет беше многу попознат како еден од најуспешните претседатели на ФК Вардар. Негов заменик беше исто така човек од Македонија, Михајло Мишевски, кој речиси сиот свој работен век го помина на позицијата генерален секретар на СОФК-а на Македонија. Ова го потенцирав за се види колку беа ценети и почитувани на тогашните југословенски простори македонските спортски функционери.
Сега се враќам на она што е поента во овој текст, а тоа е спортската биографија на гимнастичарката Антонија Николовска-Лазаревиќ, која од 1974 година, откако стана репрезентативкана поранешна Југославија, почна да реди и други меѓународни настапи.

Осмо место на Светското првенство во Варна

Во времето кога Антонија беше активна на гимнастичката арена, малку беа спортистите од Македонија што имаа шанса да учествуваат на некое светско првенство.
– Бев пријатно изненадена кога ми соопштија оти ќе настапам на Светското првенство во Варна во 1974 година. Тоа беше голема шанса и на најголемиот светски настан да ги покажам моите квалитети. Во Варна настапив во екипниот натпревар, во кој го освоивме осмото место. Овој пласман, во силната конкуренција беше оценет како успешен, па така, сите девојки што настапивме за поранешна Југославија, задоволни се вративме од Варна. Моето задоволство беше уште поголемо, зашто бев една од ретките македонски спортисти што имаа шанса да ја почувствува атмосферата на најзначајниот натпревар во својот спорт. Јас тие настапи во Варна никогаш нема да ги заборавам и во мислите често се навраќам на моментите кога на истата сцена се натпреварував со светските sвезди. Тоа беше навистина едно посебно доживување. Имав многу настапи на меѓународната сцена, а во најпријатно сеќавање, што е и нормално, ми останаа оние на кои имав солидни пласмани. Инаку, и на југословенската сцена успевав на сите справи да бидам меѓу најдобрите. Тоа многу ме мотивираше, зашто да бидеш репрезентативец на една држава со над 20 милиони жители не беше лесна работа и тоа ми претставуваше чест. Инаку, настапите за националната селекција беа од големо значење зашто на тој начин одржував директен контакт со најелитните гимнастичарки. Ова и од тој аспект беше многу значајно – рече таа.

Балканијадите репер за квалитетот на спортистите

За сите спортисти од Балканот, без оглед на кој спорт припаѓаа, балканијадите беа репер за нивниот квалитет. Тие беа натпревар, особено во поединечните спортови, на кој се исполнуваа нормите за учество на европските или на светските првенства. Антонија во текот на својата кариера настапи на две балканијади.
– Дебито го имав на Хвар, во 1974 година. Тоа беше и мое прво искуство на меѓународната сцена, па можам да кажам оти на крајот бев задоволна од пласманот на 17-то место. Но, мора да потсетам дека во балканските земји имаше гимнастичарки од светски калибар. Доволно е да ја споменам само Романката Надја Коменечи, па сѐ да стане јасно. Таа беше една од најголемите гимнастичарки, која зад себе остави блескава кариера и чие име и денес фигурира во врвот на светските ранг-листи – вели Антонија.
Антонија Николовска-Лазаревиќ во своето второ учество на Балканијада на собирот во Плевен во 1975 година, исто како на МИ во Алжир, во екипниот дел од натпреварите се закити со бронзениот медал.
– Балканијадата ќе ја паметам и по нешто друго. Во вежба на двовисочински разбој од сите натпреварувачки, јас добив највисока оценка, 8,95 што, беше најблиску до „десетката“. Резултатот се коментираше како изненадувачки, иако за мене не беше така, бидејќи на последните тренинзи почувствував оти на оваа справа ќе можам да направам нешто повеќе. На крајот во поединечниот натпревар во повеќебојот се пласирав на 12-то место, што, исто така, не беше резултат за потценување – рече таа.

Остана во гимнастиката, но во друг сегмент

сВо финишот од натпреварувачката кариера Антонија имаше забележителни настапи на неколку натпревари. Тука беа пред сѐ двата дуела со репрезентацијата на Грција, како и меѓународното првенство во Љубљана, на кое учествуваа репрезентациите на Германија, Австрија, Чехословачка, Унгарија и на Романија. Во Скопје, пак, за крај на кариерата настапи во дуелот со градската репрезентација на Варшава, кој се одржа во салата на КК Работнички. Тоа беше и нејзина разделба со гледачите.
– По неколкуте интензивни години, иако уште можев да се носам со помладите конкурентки, почувствував оти е дојдено времето да престанам активно да се занимавам со гимнастиката. Но, со оглед на тоа што не можев брзо и лесно да се збогувам со спортот во кој доживеав толку убави работи, а стекнав и афирмација, посакував да останам во него, но во еден друг сегмент. Затоа, потпирајќи се на големото искуство, го поминав испитниот филтер за судија и во следните години се појавував како арбитер на домашните, а потоа откако положив за меѓународен судија и на големите приредби. Така, во 2002 година судев на Европското првенство во Патра, Грција. Се сеќавам, првиот ден ги оценував гимнастичарките на патртер, а вториот бев арбитер на прескок. Како судија се појавував уште на неколку приредби, меѓу кои би ги одделила Купот на градовите и Меѓународното првенство во Љубљана. Потоа станав и комесарка за обука на младите судии, кои допрва стапуваа на сцена. Во последните 10 години, сметајќи оти во гимнастиката сум дала многу, се повлеков и се посветив на семејниот живот – рече таа.
Ова беше приказната за нашата гимнастичка легенда Антонија Николовска-Лазаревиќ, која зад себе остави навистина една богата кариера во која, покрај сопствената афирмација, го афирмира и македонскиот спорт.