Црвено-жолтите утре ќе играат против домаќинот Хрватска, а в сабота против Шпанија
ОДБОЈКА – ЕВРОПСКА ЗЛАТНА ЛИГА
Сениорската одбојкарска репрезентација на Македонија утре и в сабота ќе настапи на третиот и последен турнир во Европската златна лига (ЦЕВ), кој ќе се игра во хрватскиот град Осиек. Црвено-жолтите, предводени од новиот селектор Хари Наковски, прво ќе се сретнат со домаќинот Хрватска (19 ч.), а следниот ден со Шпанија (19 ч.). На досегашните два одиграни турнира, Македонија забележа победа над Азербејџан (3-0), а загуби од Естонија (1-3), Чешка (0-3) и од Белгија (2-3) и моментно е на 10-то место, со четири бода и сет-количник 6-9. Овие настапи за Македонија наедно претставуваат и подготовки за четвртиот пласман во низа на европските првенства, за квалификациите за изданието во 2026 година. На претходното ЕП Македонија го оствари најголемиот успех со пласманот во осминафиналето.
– Ни претстојат уште два натпревара во Осиек, едниот со Хрватска, а другиот со Шпанија. Се надевам на уште подобар резултат, а Европската златна лига е уште една успешна проверка во пресрет на квалификациите за Европското првенство – вели селекторот на Македонија, Хари Наковски.
И Хрватска и Шпанија се квалитетни селекции. Хрватите досега настапиле на пет ЕП, 2006 (8. место), 2007 (14), 2015 (15), 2021 (14) и 2023 (11), во конкуренција на 16 држави. Засега, заедно со Чешка, имаат максимални четири победи, односно по 12 бода, и се втори на табелата со сет-количник 12-4. Тие досега со идентични 3-1 во сетови ги совладаа Финска, Белгија, Романија и фаворизираната Португалија.
Репрезентацијата на Шпанија има 12 учества на ЕП, а најдобриот резултат го оствари во 2001 година, кога се закити со досега единствениот освоен медал, и тоа златен, а бeше уште и четврта (2005) и деветта (2009). Другите пласмани се над 10-то место. Шпанците се враќаат во Европската златна лига по паузата во 2023 година. Моментно се на петтата позиција со седум бода, односно имаат две победи и два пораза и сет-количник (9-7), во конкуренција на 12 селекции. Шпанија досега ги совлада Луксембург (3-0) и Финска (3-1), а загуби од Португалија (1-3) и од Естонија (2-3).
– По двата натпревара во Беверен, каде што забележавме една победа и еден пораз, продолжуваме со темпирање на формата за следните натпревари. Се надевам дека и во Осиек, против Хрватска и Шпанија, ќе имаме два добри меча, што ќе биде добро за нашата форма во пресрет на квалификациите за ЕП што нѐ очекуваат – вели младиот македонски репрезентативец Стојче Арсов.
Новина на изданието на Европската златна лига за 2024 година е измената на форматот на натпреварувањето. Така, годинава тоа се одржува во текот на четири викенди (три се квалификациска фаза, а еден е фајналфор), дозволувајќи им на сите 12 репрезентации можност да организираат домашен турнир играјќи по два меча пред своите навивачи. Квалификациската фаза за фајналфорот се игра викендите до 2 јуни, додека фајналфорот ќе се одржи во Осиек, Хрватска, на 15-16 јуни, а победникот ќе освои парична награда од 100.000 евра. Г.И.
ДВОЈКИ 5. И 6. КОЛО
ДЕНЕСКА
Финска – Чешка
УТРЕ
Азербејџан – Естонија
Романија – Финска
Македонија – Хрватска
Португалија – Украина
САБОТА
Луксембург – Азербејџан
Чешка – Романија
Шпанија – Македонија
Белгија – Португалија
НЕДЕЛА
Естонија – Луксембург
Хрватска – Шпанија
Украина – Белгија