Двајцата непрекинато играа шах неверојатни 64 часа на култниот „Тајмс сквер“ во Њујорк и со тоа го надминаа претходниот рекорд од 61 час, три минути и 34 секунди

ШАХ

Нигериските шахисти Тунде Онакоја и Шон Мартинез официјално го соборија Гинисовиот рекорд за најдолг шаховски маратон, откако непрекинато играа неверојатни 64 часа на култниот „Тајмс сквер“ во Њујорк (САД).
– Го направивме невозможното и му дадовме на светот да верува во нешто ново – напиша Онакоја на својот твитер-профил.
Импресивниот подвиг започна на 17 април, а заврши во раните утрински часови во неделата на 20 април.
– Тоа беше тешко играње оти беше потребно многу време. Во моментов сум без зборови – рече Мартинез во видеото споделено на интернет по соборувањето на рекордот.
Двајцата првично сакаа да играат 70 часа, но потоа донесоа одлука мечот да заврши по 64 часа игра.
– Застанавме на 64 часа оти тоа е вкупниот број полиња на шаховската табла. Чувствувавме дека тоа е вистинската работа – рече Онакоја.
Претходниот официјален рекорд беше 61 час, три минути и 34 секунди, а беше поставен за време на Првенството на Норвешка во 2024 година од Норвежаните Один Бликра Веа и Аскилд Брин.
Секој потег од блиц-мечот од 383 одиграни партии беше проследен во живо од шаховскиот сајт „Чес“. Новиот рекорд доаѓа точно една година откако Онакоја преброди повраќање, болки во стомакот и екстремен замор и играше 60 часа во својот прв меч со Мартинез на „Тајмс сквер“. Обидот, наводно, собрал 100.000 долари за поддршка на образованието на децата во Африка, но никогаш не бил официјално одобрен како светски рекорд.

Онакоја (30), чиј личен највисок рејтинг (ФИДЕ) е 2.197 поени, е основач на „Шах за сиромашните во Африка“, непрофитна организација што го користи шахот како алатка за да им помогне на сиромашните деца да читаат и да пишуваат. Неговата благородна улога го направи пример за милиони луѓе во Африка, додека настојува да собере еден милион долари за образование на децата низ целиот континент Африка. Откако започна глобално движење, тој привлече повеќе од милион следбеници на неговите платформи на социјалните мрежи и привлече значително медиумско внимание низ светот.
– Го правам ова за соништата на милиони деца во Африка што немаат пристап до образование – изјави Онакоја за време на маратонот.
Мартинез е американски национален мајстор и шаховски тренер од Њујорк со порториканско потекло. Почнал да игра шах во шесто одделение во И.С. 318, училиште познато по својата успешна шаховска програма прикажана во наградуваниот документарен филм „Замокот Бруклин“. Оттогаш тој ја основа компанијата „Туркање на пионите“, која обезбедува шаховски тренери за младите во Њујорк. Новиот рекорд на Тунде и Шон е доказ за одлучноста и желбата да помогнат светот да стане подобро место за живеење преку шахот.
„Чес“, исто така, ја објави неверојатната приказна на ФМ Јоран Аулин-Јансон, кој одиграл 701 партија во брз шах за 92 часа и 26 минути или речиси четири дена. Сепак, лудиот настан се случил во 1984 година со различни прописи, а никогаш не бил одобрен поради недостиг од потпис. Според официјалните упатства на Гинис, на играчите им биле дозволени паузи од пет минути на секој час, кои можеле да се акумулираат во блок за одмор од 30 минути на секои шест часа игра.
Овој пат, сесијата беше темелно документирана и строго почитувана според упатствата. Неколку луѓе исто така се регистрирале да го гледаат натпреварот, како што бараше Гинис. Меѓу присутните беше и двократната шампионка на САД, ЖВМ Џенифер Шахаде, која рече дека била официјален сведок на Гинисовата книга на рекорди. Г.И.