Само една олимписка приказна досега ја има добиено најпрестижната награда во светот – „оскар“ за најдобар филм. Станува збор за „Огнени кочии“ од 1981 година, спортска драма во режија на Хју Хадсон, драматизација на вистински настани на ЛОИ во 1924 година.
Летаните и зимските олимписки игри (ЛОИ), покрај натпреварувачкиот карактер, биле инспирација и за снимање на многу филмови. ЛОИ се омилена тема на филмаџиите уште од самите почетоци на модерното време, пишува хрватски „Вечерњи“, кој патем издвои и некои од најдобрите спортски филмови на сите времиња.
Првиот филм за ЛОИ се смета за снимки направени во далечната 1906 година, а тој прв олимписки филм што денес е достапен на интернет е вистински доказ за минатото. Еден од најконтроверзните филмови во светот е „роден“ на Олимписките игри што се одржаа во Берлин во 1936 година, тогаш срцето на нацистичка Германија. Документарниот филм „Олимпија“ во два дела на познатата Хитлерова пропагандистка, режисерката Лени Рифенштал, и денес предизвикува различни реакции.
И додека тој филм дефинитивно може да се окарактеризира како чиста нацистичка пропаганда, малкумина ќе го негираат фактот дека е врвно ремек-дело на кинематографијата, пишува „Хрватски“.
Тие ЛОИ останаа запаметени благодарение на неверојатниот подвиг на атлетичарот Џеси Овенс, Афроамериканец што освои четири злата таа година во Берлин, украсени со нацистички знамиња и атмосфера на жестока расна нетрпеливост. Околу неговиот триумф имаше и легенда дека Хитлер одбил да се ракува со Овенс, но вистината е дека нацистичкиот водач не им ја дал таа чест ниту на другите олимписки шампиони. Самиот Овенс подоцна ќе рече дека Хитлер можеби не ја подаде раката, но затоа не му честиташе ниту тогашниот американски претседател Френклин Рузвелт. Неговата инспиративна приказна беше овековечена во филмот „Трка“ на Стивен Хопкинс од 2016 година, со Стивен Џејмс како Џеси Овенс.
Само една олимписка приказна досега ја има добиено најпрестижната награда во светот – „оскар“ за најдобар филм. Станува збор за „Огнени кочии“ од 1981 година, спортска драма во режија на Хју Хадсон, драматизација на вистински настани на ЛОИ во 1924 година.
Тогаш двајца спортисти со навидум дијаметрално спротивни верувања се појавија и триумфираа во британскиот атлетски тим. Шкотланѓанецот Кристијан Ерц Лидел, кој сметаше дека трчањето е начин да му служи на Бог, и Евреинот Харолд Абрахамс, кој сакаше да ги скрши антисемитските предрасуди со помош на трчањето. Заедно со златната статуа за најдобар филм, „Огнени кочии“ доби и „оскар“ за најдобра костимографија и оригинално сценарио.
Вреди да се споменат и некои од одличните филмски спортски приказни инспирирани од Зимските олимписки игри (ЗОИ). Една од нив е драматичната приказна за спортското ривалство што кулминираше со насилен инцидент, раскажан во наградуваната драма со мрачен хумор „Јас, Тоња“. Во него, Маргот Роби ја портретира американската натпреварувачка во уметничко лизгање Тоња Хардинг, осудена за организирање напад на ривалката Ненси Кериган пред ЗОИ 1994 година.
Друга приказна, пак, е урнебесната комедија „Студени тркачи“ во режија на Џон Тертелтауб за јамајскиот боб-тим, кој првпат се натпреваруваше на ЗОИ во 1988 година во Калгари, Канада. Поттикнати од сличностите меѓу боб и локалното натпреварување со количка за туркање, и покрај недостигот од финансиски ресурси и можности за обука, тимот на Јамајка настапи гордо во Калгари. Иако не се доближија до медал, станаа миленици на публиката и засекогаш останаа запишани во олимписката историја, пишува „Хрватски“.
Од другите филмови базирани на ЛОИ или ЗОИ, треба да се спомнат и „Токиска олимпијада“, „Три секунди до вечноста“, „Нескршливи“, „Оди, не трчај“ „Поздрав“, „9,79“ и други.