Во четврт-финалето, Индија ја победи Франција во т.н. тајбрејк, а во преостанатите двојки Кина ја совлада Полска, Шпанија беше подобра од Азербејџан, а олимпискиот првак Узбекистан беше сигурен против Украина

ШАХ – ЕКИПЕН МУНДИЈАЛ ЗА МАЖИ

Кина – Шпанија и Узбекистан – Индија се полуфиналните двојки на екипното Светско првенство (СП) во шах за мажи, кое се одржува во Ерусалим (Израел), со учество на 12 репрезентации (со темпо од 45 минути плус 10 секунди по секој потег, почнувајќи од првиот, по играч). Екипните светски првенства се играат на секои две години, почнувајќи од 1985-та, а на претходното СП, во 2019 година, во Астана (Казахстан), шампион стана Русија, пред Англија и Кина. Русија е и најтрофејна селекција, со пет злата, две сребра и една бронза. Од полуфиналистите, досега само Кина била светски првак (во 2015 и во 2017 година).
Во четврт-финалето, највозбудлив беше мечот помеѓу Индија и Франција, која ја предводеше силниот велемајстор (ВМ) Максим Вашер-Леграв (2.775 рејтинг-поени, рангиран прв на СП). Првиот меч на четири табли го доби Индија, а вториот Франција, па така сѐ се решаваше во т.н. тајбрејк (три минути, плус две секунди за секој потег по играч), кој го добија Индијците, благодарение на победите на Нихал Сарин и Сринат Нарајанан.
Младиот тим на Узбекистан (во кој нема ниту еден шахист со рејтинг над 2.600 поени), кој годинава триумфира на Шаховската олимпијада во индискиот град Ченаи (Индија), беше подобар од повисокорангираната Украина, предводена од легендарниот Василиј Иванчук, во двата меча. Кина ја елиминира Полска, и покрај тоа што на три од четирите табли беа шахисти со понизок играчки рејтинг. Откако го добија првиот меч со 2,5-1,5, со победите на Шангли Лу и Џинши Баи, Кинезите ремизираа на сите четири табли во вториот меч. Сепак, не беа без борба сите ремија, Баи и Ксијангју Ху одиграа 90, односно 134 потези пред да освојат половина поен. Шпанија, пак, славеше благодарение на вториот екипен меч, кој го доби со 2,5-1,5, против Азербејџан, за кој, пак, игра одличниот ВМ Шахријар Мамеѓаров (рејтинг 2.747, рангиран втор на СП). Г.И.


ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ

Кина – Полска 2,5-1,5 и 2-2
Шпанија – Азербејџан 2-2 и 2,5-1,5
Украина – Узбекистан 1-3 и 1,5-2,5
Франција – Индија 1-3 и 3-1
(тајбрејк 1,5-2,5)
ПОЛУФИНАЛЕ
Шпанија – Кина синоќа
Узбекистан – Индија синоќа