- На 25. Зимски олимписки игри, в година во Милано и во Кортина д’Ампецо, повеќе од 3.500 спортисти од над 90 земји ќе се натпреваруваат за 195 медали во рекордни 16 спорта
Oлимпискиот пламен денеска тргнува кон Италија, каде што во Милано и во Кортина д’Ампецо во февруари в година треба да се одржат јубилејните 25. Зимски олимписки игри (ЗОИ). Церемонијата на палење на олимпискиот пламен, која ќе се одржи денеска во Олимпија (Грција), го означува симболичниот почеток на секое олимписко патување, пишува Интернационалниот олимписки комитет (ИОК).
Од 6 декември до 6 февруари 2026 година, денот на церемонијата на отворање на ЗОИ 2026, на олимпискиот стадион во Милано, олимпискиот пламен ќе има возбудливо патување низ Италија.
Откако ќе пристигне во Рим, пламенот штафетно ќе го носат вкупно 10.001 носач на факел, меѓу кои се голем број олимписки и параолимписки спортисти, како и познати лица од светот на забавата, а олимпискиот факел ќе ги посети сите 20 региони, на своето патување од 12.000 километри низ Италија, пишува ИОК.
На Зимските олимписки игри в година во Милано и во Кортина д`Ампецо повеќе од 3.500 спортисти од над 90 земји ќе се натпреваруваат за 195 медали во рекордни 16 спорта (нов спорт е скијачкото планинарење, а другите спортови на програмата се алпско скијање, нордиско скијање, биатлон, брзо лизгање, брзо лизгање на кратки патеки, уметничко лизгање, хокеј на мраз, скијачки скокови, нордиска комбинација, слободно скијање, боб, санкање, скелетон, сноуборд и карлинг).
По Кортина д’Ампецо во 1956 година (ЗОИ), Рим во 1960-та (Летни олимписки игри) и Торино во 2006 година (ЗОИ), Италија е подготвена четврти пат да биде домаќин на најголемиот спортски настан во светот, пишува Интернационалниот олимписки комитет. Н.М.


































