Од историјата на борењето (10)
- Могамед Ибрагимов е единствениот борач што освои олимписки медал за Македонија по осамостојувањето. Тој беше трет на најголемиот спортски собир во Сиднеј во 2000 година
Во минатото, пред распадот на поранешната држава, Македонија во составот на југословенската репрезентација имаше освојувачи на медали со кои се гордеевме. Потоа дојде моментот кога по осамостојувањето најголемата радост ни ја донесе борачот Могамед Ибрагимов. Тој на ОИ во Сиднеј во 2000 година го освои бронзениот медал. Така, популарниот Моги стана нашиот најдобар и најпознат спортист на преминот од минатиот во овој век.
Тој потекнува од познатата руска школа, која меѓу другите центри во поранешниот СССР свои корени „пушти“ и во Махачкала, главниот град на Дагестан, лоциран на брегот на Касписко Море. Овде, во една силна конкуренција, Ибрагимов почна да се кали и да ги развива своите квалитети.
Меѓутоа, за да дојде во Македонија и да ги брани боите на нашата земја беше многу значајна препораката од рускиот тренер Шахмурадов, кој често доаѓаше во Македонија и работеше со нашите репрезентативци. Штом тој го препорача, тоа беше доволен сигнал оти треба да се разговара со Ибрагимов да дојде и да настапува за Македонија.
Инаку, популарниот Моги не им беше непознат за нашите стручњаци, особено за Насе Насев, кој како селектор имаше можност да го следи на неколку првенства, меѓу кои и на она кога во 1995 година Ибрагимов во дресот на Азербејџан го освои европското злато.
– Чувствував дека во руската репрезентација потешко можам да влезам одошто во националните тимови на некоја друга земја. Затоа решив да ја прифатам поканата од Азербејџан да се борам за оваа земја. Не се колебав многу, си велев Баку е тука најблиску до Махачкала и ќе бидам блиску до моите. Така се случи првото злато на европските првенства да го освојам во дресот на оваа земја. Потоа настапив и на следното Светско првенство, на кое се пласирав на петтото место и така ја исполнив нормата за Олимпијадата во Атланта. Меѓутоа моите вистински резултати дојдоа откако го облеков дресот на Македонија – вели тој.
Три медали во краток период
Доаѓањето на Ибрагимов беше нов импулс во македонскиот борачки спорт. Пред него во Радовиш беше дојден уште еден руски борач, Валериј Верхушин. Тој со своите настапи на меѓународната сцена покажа дека беше добра инвестиција. Во моментите кога од душекот се повлекоа Трстена, Шоров, Димков и Николовски, наши борачки перјаници беа Верхушин, Соколов и Вранези. Тој на Европското првенство во Будимпешта го освои бронзениот медал и го визира пасошот за Олимпијадата во Атланта. Во меѓувреме настапуваше и во екипата на европскиот и светски клупски првак Бучим Јака.
Меѓутоа, Ибрагимов беше нешто посебно. Тој ѝ донесе на Македонија сребрен медал од Светското првенство во Техеран во 1998 година. Таму, во финалната пресметка, која имав привилегија да ја гледам, по голема борба загуби од иранскиот борач Хајдари, кој имаше громогласна поддршка од десетилјадната публика. Тоа беше вистински пекол низ кој мораше да помине Моги. Тој чесно се бореше и во една рамноправна борба, сепак, на крајот беше поразен на поени со 1-0. Затоа, пак, следната година триумфира на Европскиот шампионат во Минск, што беше прва европска титула по осамостојувањето, инаку петта за Македонија по оние четири, по две на Сејдиу и на Трстена пред распадот на поранешната држава.
Овој резултат беше големо охрабрување пред доаѓањето на олимписката година. Ибрагимов требаше да помине низ уште една неизвесност на Светското првенство во Истанбул во 2000 година, па да стигне до Олимпијадата во Сиднеј. Но, тогаш се испречија проблемите. Не беше најдобро подготвен и на СП во Истанбул беше дури единаесетти. Неговите маки допрва почнуваа. Тој мораше да помине низ пет квалификациски турнири за евентуално да стигне до норма за настап на ОИ.
Моги почна нова одисеја, заедно со својот сонародник Гаџиханов, кој мораше да го помине истиот пат. Почетокот на првиот турнир во Минск беше ветувачки и беа освоени првите поени. Двајцата го демонстрираа својот квалитет две недели подоцна, со освоените први места во своите категории на турнирот во Лајпциг, за потоа крстосувајќи низ светот, почнувајќи од Токио, продолжувајќи во Мексико, за на крајот со настапот во Александрија во Египет да го визираат пасошот за ОИ во Сиднеј. Тоа беше навистина еден макотрпен пат низ кој поминаа Ибрагимов и Гаџиханов. Низ сите овие турнири и неизвесни борби ги водеше селекторот Ристо Дарлев, кој имаше големо искуство зашто во минатите години и тој беше олимпиец.
– Од оваа временска дистанца, мора да кажам дека во тие месеци навистина бев пред големи искушенија. Но бев решен да успеам за да не ја разочарам македонската спортска јавност. Во еден момент, кога веќе поминав низ сето ова, си помислив, зошто максимално да не ја искористам шансата и на Олимпијадата да стигнам до медал – вели Моги.
Четири победи до олимписката бронза
Ибрагимов замина во Сиднеј мотивиран и решен да ѝ го донесе на Македонија првиот олимписки медал по осамостојувањето.
– Чувствував голема обврска и одговорност. Знаев дека сите очекуваат од мене не само висок пласман туку и медал. Во мечевите влегов максимално концентриран и подготвен да ги извлечам и последните атоми од силите, само за да стигнам до пиедесталот – вели тој.
Во категоријата до 85 килограми, во која настапуваше нашиот репрезентативец, почетокот беше охрабрувачки. Во почетокот беше победен Украинецот Бачинашвили. Потоа дојде и победата над цврстиот Јапонец Каваи. Патот полека се отвораше, но уште беше рано за радост. Имаше уште двајца тешки противници, Американецот Бартон и Иранецот Кадем. Првиот по голема борба го совлада со 4-2, а вториот во една хичкоковска завршница, со еден извонреден зафат, го победи дури во продолжението со 4-1. Единствениот пораз го доживеа во полуфиналето од руската борачка легенда Саитиев, кој важи за еден од најдобрите борачи на сите времиња. Тој беше вистинска машина, која просто „мелеше“ на душекот и на која ретко кој можеше да ѝ се спротивстави.
Четирите победи на Моги, до кои дојде со манифестирање големо мајсторство и сила на душекот, на крајот му овозможија да се најде на третата позиција на олимпискиот пиедестал. Радоста беше голема, овој успех беше прославен во македонската експедиција во Сиднеј и меѓу нашите сонародници таму, но и во целата држава. Тоа беше прв медал од олимпијадите во историјата на самостојна Македонија. И јас како коментатор на МТВ овој резултат го доживеав емотивно, па по решавачката победа над Кадем, во која беше освоена бронзата, го загубив гласот и триесетина секунди имаше вистински молк на микрофонот, сѐ до моментот кога се созедов и со големо задоволство продолжив да го величам успехот на нашиот ас. Тогаш си помислив: една мала земја како Македонија доживеа да се радува на олимписки медал. Потоа, повторно имаше наплив на емоции сѐ до моментите кога конечно сфатив дека сето тоа што го гледав и го коментирав е вистина. Бронзениот медал, кој се најде на градите на Могамед Ибрагимов, за нас како мала земја имаше златен блесок.
Популарниот Моги ни донесе голема радост. Да се освои олимписки медал во годините по осамостојувањето на државата беше голема работа. Само оној што не поминал низ сите тие искушенија не знае колку е тешко да се влезе во еден пекол и од него да се излезе како победник. Ибрагимов успеа во тоа и стана миленик на публиката.
Сите очекувавме да остане да живее во Македонија, и тој го посакуваше тоа. Но, како многу други работи во кои беа изневерени очекувањата, така беше и со него. Ветениот стан не го доби и замина малку разочаран. Но, тој не престана да доаѓа во Македонија. Напротив, Моги е наш чест гостин и многу посакува некој наш борач да тргне по неговите стапки. Но, и тој и ние сме свесни оти тоа е тешко остварливо, освен ако не се најде некој ас од поранешните советски републики, како што беше тој, па, така, и ние повторно да се израдуваме на некој медал или висок пласман на големите приредби. Вака шансата за радост ја бараме во два регионални натпревара, Балканијадата и евентуално Медитеранските игри.
Идната недела со настапите на нашите борачи на медитеранските игри на кои бевме многу поуспешни одошто на европските и на светските првенства, па и олимпијадите, го завршувам овој серијал посветен на македонското борење. За она што се случуваше понатаму во него можеби ќе читате во некоја следна пригода.


































