ЕМОФ е првиот врвен европски мултиспортски настан наменет за млади спортисти на возраст од 14 до 18 години, со зимско и со летно издание. Настанот се одржува под олимпиското знаме и е богат со олимписки традиции, а многу од европските спортски ѕвезди ги прават првите чекори на меѓународната сцена на ЕМОФ, натпреварување на кое во минатото освојувале медали некои подоцнежни врвни светски спортисти во летни и во зимски спортови
На годинашниот летен Европски младински олимписки фестивал (ЕМОФ) во Скопје може да бидат поставени неколку рекорди, па, така, во јули спортистите ќе се натпреваруваат во 15 спорта, четири повеќе отколку досегашниот рекорд, а според најавите за учество на околу 4.000 спортисти може да биде соборен досегашниот рекорд од 3.965 од ЕМОФ 2005 во Лугано, според податоците на Европските олимписки комитети (ЕОК). Досега најголемиот број натпревари за медали, пак, е 135 од ЕМОФ 2019 во Баку, а по 11 спорта се одржувале на четири летни европски младински олимписки фестивали.
На ЕМОФ 2025 спортистите ќе се натпреваруваат во атлетика, бадминтон, баскет 3х3, кошарка, кану-слалом, велосипедизам, планински велосипедизам, ракомет, џудо, пливање, стрелаштво, пинг-понг, таеквондо, одбојка и во гимнастика.
ЕМОФ се одржува под покровителство на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) и е гордост на ЕОК со речиси 35 години традиција. ЕМОФ е првиот врвен европски мултиспортски настан наменет за млади спортисти на возраст од 14 до 18 години. Има зимско и летно издание, кои се одржуваат секои две години, во непарни години.
Настанот се одржува под олимпиското знаме и е богат со олимписки традиции, како што се запален пламен, заклетви на спортистите и официјалните лица… Многу од европските спортски ѕвезди ги прават првите чекори на меѓународната сцена на ЕМОФ, натпреварување на кое во минатото освојувале медали некои подоцнежни врвни светски спортисти во летни и во зимски спортови, како на пример, меѓу другите, Габриела Сабо (атлетика), Јелена Остапенко, Данил Медведев, Стефанос Циципас (тенис), Мартин Кох, Петер Превц, Домен Превц, Ника Превц, Анже Ланишек, Тими Зајц (скијачки скокови), Ања Персон, Илка Штухец, Хенрик Кристоферсен (алпско скијање), Марит Бјерген (нордиско скијање), Петер ван ден Хогебанд (пливање), Евгениј Плушенко (уметничко лизгање), Естер Ледецка (алпско скијање и сноуборд)… Н.М.