За настап на Светското првенство (СП) во забрзан и во брз шах, кое треба да се одржи во Њујорк идната недела, пријавени се околу 300 играчи, објави Светската шаховска федерација (ФИДЕ).
Сите очи ќе бидат вперени кон шахистот со најдобар рејтинг во светот и поранешен светски шампион во класичен шах, Магнус Карлсен, кој на турнирот влегува како прв носител, решен да ги брани титулите и во забрзан и во брз шах. Љубителите на шахот, исто така, ќе можат да видат тројца поранешни предизвикувачи за светската титула, Фабијано Каруана, Јан Непомнијашчи и Борис Гелфанд, а ѕвездениот состав ги вклучува и најсилните играчи од најголемите шаховски земји во светот, како што се Индија, Кина, Украина, Франција, Узбекистан и други, пишува ФИДЕ.
Во женска конкуренција, актуелната светска шампионка во класичен шах Ју Венјун ја предводи листата, ѝ се придружуваат четири поранешни светски шампионки Тан Жонгји, Марија Музичук, Александра Костенјук и Жу Чен, а ќе настапат и други истакнати претенденти за првите места, меѓу кои Катерина Лагно, Хампи Конеру, Харика Дронавали, Нана Џагниџе и Бибисара Асаубаева, пишува ФИДЕ. Н.М.