Семинарот обезбеди клучни новости и можност да се добијат одговори на сите прашања што во овој момент ги имаат шефовите на мисии
МАКЕДОНСКИ ПАРАОЛИМПИСКИ КОМИТЕТ
На помалку од три месеци до почетокот на Европските младински параигри 2025 (ЕПЈГ) во Истанбул, Турција, возбудата на потенцијалните учесници расте додека Локалниот организациски комитет (ЛОК) се подготвува да ги пречека учесниците на овој голем инспиративен спортски настан за младите спортисти со инвалидитет. Настан што наедно претставува извонредна прослава на младите и нивна инклузија во општеството преку спортот.
Најголем приоритет на ЛОК е да се осигури дека учесниците ги имаат сите потребни алатки и информации што ќе го направат нивното учество непречено и успешно. За таа цел, најнапред беше споделен Технички прирачник за ЕПЈГ 2025, односно сеопфатен водич што ги содржи сите основни детали за поддршка на тимовите, потоа придружно писмо од претседателот на ЕПЦ, Рејмон Блондел, а на 30 април 2025 година беше одржан и онлајн семинар за шефовите на мисии, кој обезбеди клучни новости и можност да се добијат одговори на сите прашања што во овој момент ги имаат шефовите на мисии, а кои ќе послужат како клучен чекор во финализирањето на подготовките за Игрите.
– Европските младински параигри претставуваат повеќе од само натпревар. Тие се платформа за младите спортисти да ги покажат својот талент, решителност и натпреварувачки дух, создавајќи незаборавно искуство што ќе ги инспирира идните генерации. Параолимпискиот комитет на Македонија ја разгледува можноста барем еден млад спортист со инвалидитет да учествува на Игрите. Одлуката ќе биде донесена во првата декада од месецов – велат од МПОК. Г.И.