Фото: ЕПА

ЛОИ 2024

Француската престолнина работи на чистење на Сена за луѓето да можат повторно да пливаат во неа, како што беше за време на ЛОИ во Париз во 1900 година

Маратонското пливање на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз годинава би можело да се одржи надвор од Париз ако реката Сена не биде погодна за капење, соопштија организаторите вчера, пренесе агенцијата „Ројтерс“.
– Правилата на Меѓународната триатлон-федерација дозволуваат настанот да се префрли во формат на дуатлон како последно средство. Спротивно на тоа, со цел да гарантираме дека натпреварите во маратонско пливање ќе се одржат, откако нашите можности за одложување беа исцрпени, решивме да се постави резервна локација во Вере-сур-Марн. Местото за натпреварување, кое веќе се користи за веслање и за кајакарство, ги има сите потребни карактеристики за да ги организира тие настани доколку е потребно – изјави за „Ројтерс“ портпаролот на ЛОИ 2024.

Квалитетот на водата во Сена е подобрен, покажаа податоците во четвртокот, 21 ден пред почетокот на ЛОИ 2024. Податоците објавени од градските и од регионалните власти покажаа дека концентрациите на ентерококите и бактериите ешерихија коли биле под законските прагови во шест од девет дена во периодот од 24 јуни до 2 јули, пишува „Ројтерс“. Нивоата зависат од врнежите и од температурата на водата, покрај другите фактори. Со пристојно време оваа недела во Париз се очекува квалитетот на водата да остане добар.

Француската престолнина работи на чистење на Сена за луѓето да можат повторно да пливаат во неа, како што беше за време на ЛОИ во Париз во 1900 година. Но, проблемот со канализацијата во минатото лето доведе до откажување на предолимписки пливачки настан, пишува „Ројтерс“. Во Сена е предвидено да се одржат пливачкиот дел од триатлонот и маратонското пливање на ЛОИ 2024.
– Имаме целосна доверба во работата превземена од државата, градот Париз и од сите вклучени страни за да може да се плива во Сена за настаните да се одвиваат таму како што е планирано – додаде портпаролот на ЛОИ 2024, пишува „Ројтерс“. Г.И.