- Светското првенство во тотален шах воведува нова комбинирана светска титула, која опфаќа брз класичен, забрзан и брз шах. Брзиот класичен шах е иновација на класичниот шах со пократко временско ограничување. Иницијативата за тотален шах, лансирана од „Норвешкиот шах“ и неодамна одобрена од ФИДЕ, е дизајнирана да го идентификува комплетниот шахист, разновиден натпреварувач, кој се истакнува во повеќекратни временски контроли
Светската шаховска федерација (ФИДЕ) и „Норвешкиот шах“ се согласија за клучните квалификациски патеки за Тоталната шаховска турнеја во 2026 година, пилот-турнир на новиот концепт на Светско првенство (СП). Форматот е дел од поширокото тотално СП во шах, кој ќе го круниса шампионот во брз класичен, забрзан и во брз шах, официјално одобрен од ФИДЕ. Се очекува турнејата да стане едно од најпрестижните дополнувања на елитниот шаховски календар, пишува ФИДЕ, на својата официјална интернет-страница.
Иницијативата за тотален шах, лансирана од „Норвешкиот шах“ и одобрена од ФИДЕ во октомври годинава, е дизајнирана да го идентификува комплетниот шахист, разновиден натпреварувач, кој се истакнува во повеќекратни временски контроли. Турнејата на крајот ќе се состои од четири настани годишно во градови домаќини во светот и ќе се додели титулата светски шампион во комбинација. Пилот-настанот е планиран за октомври 2026 година. Официјалната и целосна шампионска сезона за крунисување на светскиот шампион во комбинација ќе почне во 2027 година, пишува ФИДЕ.
Светското првенство во тотален шах воведува нова комбинирана светска титула, која опфаќа брз класичен, забрзан и брз шах. Брзиот класичен шах е иновација на класичниот шах со пократко временско ограничување, до 45 минути, плус зголемување од 30 секунди по секој потег и за тие мечеви ќе се добива класичен рејтинг. Турнејата ќе има минимум годишен награден фонд од 2,7 милиони долари, вклучувајќи најмалку 750.000 долари за секој од првите три настани и 450.000 долари за финалето (со четири играчи), плус бонуси за перформанси, пишува ФИДЕ.
На СП ќе се пласираат актуелните светски шампиони, Домараџу Гукеш и Ју Венјун, освојувачите на медали од СП 2025 во забрзан шах, финалистите на СП 2025 во брз шах, првите 10 на класичната рејтинг-листа од 1 јануари 2026 година, победниците на Турнирот на кандидатите за светски првак и на Турнирот на кандидатките за светска првенка во 2026 година, тројцата најдобри играчи на рејтинг-листите во класичен шах од 1 јуни 2026 (со исклучок на тие што веќе се пласирале и двајца од турнири на ФИДЕ (специјално рангирање, вклучувајќи само отворени настани).
Прописите, вклучувајќи ги и правилата за замена на играчи, ќе бидат објавени до 22 декември годинава. Г.И.
КВАЛИФИКАЦИИ
1-2. Актуелните светски шампиони, Домараџу Гукеш и Ју Венјун
3-5. Освојувачи на медали од СП 2025 во забрзан шах
6-7. Финалистите на СП 2025 во брз шах
8-16. Првите 10 на класичната рејтинг-листа од 1 јануари 2026 година
17-18. Победниците на Турнирот на кандидатите за светски првак и на Турнирот на кандидатките за светска првенка во 2026 година
19-21. Тројцата најдобри играчи на рејтинг-листата во класичен шах од 1 јуни 2026 година (со исклучок на тие што веќе се квалификувани)
22-24. ФИДЕ-настани (специјално рангирање, вклучувајќи само отворени настани)
































