Фото: ЕПА

Деновиве ќе има фудбал, кошарка, алпско и нордиско скијање, хокеј, тенис, скијачки скокови, рели, атлетика…, а од 14 јануари и СП во ракомет

Во пресрет на новата година и во првите денови традиционално има изобилство од спортски настани, па, така, на пример, новогодишната турнеја „Четири скокалници“, 73-то издание на натпреварот во скијачки скокови во Германија и во Австрија, веќе е во тек, со финале предвидено за 6 јануари, а денеска и утре на програмата е второто издание на новиот натпревар во Светскиот куп за жени во скијачки скокови, „Турнеја две ноќи“. Се игра и тенискиот Јунајтед-куп (трае до недела, во Австралија, како увертира на првиот годинашен гранслем-турнир, во Мелбурн, од 12 јануари), а во првите денови на 2025 година и во Бризбејн, турнири за тенисери и за тенисерки. НХЛ-класикот, пак, хокеарски натпревар на отворено, се игра денеска, во Чикаго, кошаркарската Евролига продолжува задутре, во НБА-лигата има натпревари секој ден, трките во Светскиот куп во алпско скијање се од 4 до 8 јануари (скијачките во Крањска Гора, скијачите во Мадона ди Кампиљо)…
На програмата се и други традиционални натпревари, како јуниорското Светско првенство (СП) во хокеј на мраз, кое е во тек во Канада (финалето е в недела), релито „Дакар“ (од петок во Саудиска Арабија), тур де ски (серија трки во нордиско скијање во Алпите, до недела)… Во фудбалот од големите пет домашни првенства во Европа се игра во Англија (во првиот ден на новата година ќе се сретнат Брентфорд и Арсенал, а потоа ново коло викендов), Шпанија (в петок играат Валенсија на Столе Димитриевски и Реал Мадрид), Италија и Франција (редовно коло викендов), а во Германија сезоната продолжува на 10 јануари. Многу атлетичари низ светот на 1 јануари ќе имаат можност за маратонски трки…
Како и секоја година во јануари има голем турнир за ракометари, овој пат тоа е Светското првенство, на кое од 14-ти јануари ќе настапи Македонија. Во 2025 година се предвидени меѓународни натпревари за репрезентации и во други спортови, како кошарка (континентални првенства, европските се во јуни за жени и во август и септември за мажи), фудбал (Европско првенство за жени, во јули), одбојка (Мундијал во септември), ракомет (Светско првенство за ракометарки во декември)…, а на клупски план, на пример, е дебито на фудбалското Светско првенство со 32 тима, во јуни, во САД. Н.М.


НЕКОИ СПОРТСКИ НАСТАНИ ВО ПРВИТЕ ДЕНОВИ НА 2025 Г.

фудбал, Англија, Шпанија, Италија, Франција од среда до недела
тенис, Јунајтед-куп во тек, до недела
хокеј, јуниорско СП во тек, до недела
скијачки скокови, Новогодишна турнеја во тек, до понеделник
хокеј, НХЛ-класик (меч на отворено) 31 декември
кошарка, Евролига 2 и 3 јануари
кошарка, НБА секој ден
рели „Дакар“ од петок
алпско скијање, Светски куп од сабота до вторник
ракомет, СП, мажи од 14 јануари