• Двата главни кластера на Игрите се Милано и Кортина д’Ампецо. Спортистите ќе се натпреваруваат во три други планински кластери, а церемонијата на затворање ќе се одржи во Верона. За Игрите претежно ќе се користи постојната инфраструктура, а некои места се реновираа или се градеа од нула

Италија се подготвува да биде домаќин на Зимските олимписки игри (ЗОИ) в година, двата главни кластери на Игрите се Милано, центар на индустрискиот север на Италија, и Кортина д’Ампецо, луксузно зимско одморалиште во планинскиот венец Доломити. Спортистите ќе се натпреваруваат и во три други планински кластери, а церемонијата на затворање ќе се одржи во Верона. За ЗОИ 2026 претежно ќе се користи постојната инфраструктура, а некои места се реновираа или се градеа од нула, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).

Милано

– Стадион „Сан Сиро“: Церемонијата на отворањето ќе се одржи на познатиот стадион „Сан Сиро“ во Милано со 80.000 седишта, дом на двата фудбалски тима во градот, Милан и Интер. Историскиот објект треба да биде срушен и заменет со нов стадион во сопственост на тимовите по ЗОИ.
– Арена за хокеј „Сантаџулија“: Новата арена со 16.000 седишта ќе служи како главно место за хокеј. Повеќенаменскиот објект, кој го градат приватни инвеститори, е предвиден да стане најголемата затворена арена во Италија.
– Леден парк: Додека финалето на хокеј на мраз ќе се одржи во арената „Сантаџулија“, некои натпревари ќе се одржат во изложбениот простор „Фиера Милано“, кој ќе биде домаќин и на брзо лизгање. Комплексот за саем, кој беше отворен во 2005 година на северозападниот дел од Милано, ќе користи привремени структури за Игрите. Таканаречениот Леден парк ќе зафаќа четири павилјони од огромниот изложбен центар и ќе ги опфаќа стадионот за брзо лизгање и арената за хокеј на мраз.
– Арена за лизгање на мраз: Настаните во брзо лизгање на кратки патеки и во уметничко лизгање ќе се одржат во „Форум ди Милано“, повеќенаменски објект, кој главно се користи за кошарка, хокеј на мраз и за тенис, како и за концерти во живо. Местото со капацитет од 12.500 гледачи беше отворено во 1990 година и реновирано во 2017 година, една година пред да биде домаќин на Светското првенство во уметничко лизгање.

Кортина д’Ампецо

– Алпски центар „Тофане“: Нарекувана кралица или бисер на Доломитите, беше домаќин на Зимските олимписки игри во 1956 година. Патеката „Олимпија деле Тофане“ ќе биде место за алпско скијање за жени. Иконската патека е редовна станица на Светскиот куп (СК) за скијачки, а беше домаќин и на Светското првенство во 2021 година.
– Олимписки стадион за карлинг: Карлингот ќе се одржи на Олимпискиот стадион на мраз, едно од наследствата од Игрите во 1956 година, кога беше домаќин и на церемонијата на отворање. Арената, и Кортина воопшто, служеше и како локација за снимање на филмот за Џејмс Бонд од 1981 година „Само за твоите очи“, во кој глуми Роџер Мур.
– Лизгачки центар во Кортина: Лизгачкиот центар во Кортина, стар еден век, е целосно реконструиран за ЗОИ 2026. Временската рамка беше толку кратка што бараше план Б, кој би барал преместување на натпреварите во боб, санкање и во скелетон во Лејк Плесид (САД). Патеката доби прелиминарен сертификат во март, а пробните настани се одржуваа во ноември.

Бормио, Ливињо, Предацо

– Алпско скијање за мажи ќе се одржи на патеката „Стелвио“ во Бормио, позната патека за СК. Ветеранот италијански скијач Кристоф Инерхофер изјави за АП дека не може да се сети на потешка патека на олимписки игри во претходните 30 години. Скијачкиот центар „Стелвио“ ќе биде и место за скијачко планинарење, кое ќе го има своето олимписко деби. Бормио е околу 200 километри североисточно од Милано.

– Ливињо, на околу еден час возење северно од Бормио, ќе биде домаќин на спортовите што се можеби најпопуларни меѓу младите, пишува АП. Сноуборд и фристајл-скијање ќе се одржат во снежниот парк „Ливињо“ и во паркот „Ливињо могулс“, со 26 натпревари за медали. Малиот град во Валтелина, во близината на границата со Швајцарија, го отвори „Паркот могулс“ минатиот декември, потенцирајќи дека го испорачал првиот олимписки објект за ЗОИ 2026.
– Опкружен со врвовите на Доломитите, Предацо ќе биде прекрасна локација за настаните во скијачки скокови. Предацо, околу 80 километри југозападно од Кортина, е најнаселената општина во Вал ди Фиеме, област што има богата историја на домаќинство на трки во СК во нордиско скијање и трки на светски првенства. Објектот за скијачки скокови се протега на површина од 3.000 квадратни метри и се состои од две главни скокалници за меѓународни натпревари, како и скокалници за тренинг и други опремени простори за спортисти.

Тесеро, Антерселва, Верона

– Во Тесеро, на помалку од 10 км од Предацо, ќе се одржуваат натпревари во нордиско скијање. Стадионот беше отворен во 1990 година, една година пред областа првпат да биде домаќин на светско првенство во нордиско скијање.
– Натпреварот во биатлон ќе се одржи во Антерселва, сместен во планините на Јужен Тирол и со патеки долги 60 км. Биатлонската арена „Антерселва“ има богата историја со спортот, бидејќи беше домаќин на светските првенства повеќе пати од 1970-тите. Исто така, секоја година е домаќин на трки од СК. Самиот град, кој е во близина на границата со Австрија, има уникатно културно наследство, пишува АП.
– Церемонијата на затворање на ЗОИ 2026 ќе се одржи во историската „Арена Верона“, голем римски амфитеатар изграден пред речиси 2.000 години, кој главно се користи за одржување оперски претстави од големи размери. Верона е град на светското наследство на УНЕСКО. „Арена Верона“, првично изградена за да прими 30.000 гледачи во античко римско време, сега има капацитет од околу половина од тоа, за својот светски познат летен фестивал. На церемонијата на затворање на 22 февруари ќе биде дозволено да присуствуваат околу 15.000 гледачи, пишува АП. Н.М.