Илиоска (категорија до 57 кг) забележа две победи. По поединечните натпреварите до саботата (синоќа на програмата беше екипниот дел), најуспешна е селекцијата што ја претставува Меѓународната џудо-федерација, со вкупно 14 медали (по четири златни и сребрени и шест бронзени)
ЏУДО – ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ЗА КАДЕТИ „СКОПЈЕ 2025“
Со прелиминарните и финалните борби и поделбата на медалите во машка и во женска поединечна конкуренција, кои се одржаа во четвртокот, петокот и во саботата во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, и официјално завршија поединечните настапи на Европското првенство (ЕП) во џудо за кадети. Остана уште да се одржат екипните настапи во двете конкуренции (по три во машка и во женска конкуренција), кои беа на синоќешната програма.
ЕП 2025 за кадети, кое првпат се одржа во Македонија, под мотото „Младите ѕвезди на иднината“, ги собра најдобрите млади џудисти од целиот континент и беше спортски настан од највисок ранг што досега воопшто бил организиран во џудо-спортот во Македонија, со учество на 41 репрезентација (217 џудисти и 204 џудистки) од вкупно 51 земја членка на Европската џудо-унија (ЕЏУ). Боите на македонската репрезентација ги бранеа 16 натпреварувачи, предводени од селекторот Игор Паскоски и неговиот помошник Александар Фузевски.
Од 16 македонски натпреварувачи, пријатно изненади Теодора Илиоска (тежинска категорија до 57 кг), која забележа две победи. Првата беше во прелиминарниот дел против Леа Болтванова од Словачка и втората по укажаниот репасаж, каде што славеше на дуелот со Десара Ндоци од Албанија, но потоа загуби од Германката Катерина Кајсер. Во репасажот да се борат шанса добија Дарија Јованова (до 50 кг) и Марко Панчевски (до 66 кг). Сепак тоа што го најави селекторот на кадетската репрезентација Паскоски, дека токму оваа натпреварувачка година има смена на генерации, така што во моментов најмногуброен е подмладокот, односно џудисти што се прва или втора година во оваа возрасна група и кои уште го немаат соодветното ниво и искуство, кое е многу потребно, очигледно се покажа како вистинито. Боите на Македонија на ова ЕП за кадети ги бранеа Ангел Радевски (до 50 кг), Никола Стојковски (до 50 кг), Амар Бајрамоски (до 55 кг), Омер Елези (до 66 кг), Марко Панчевски (до 66 кг), Антонио Стојчески (до 73 кг), Никола Петров (до 81 кг) и Марко Чивлачки (над 90 кг), Хамида Друштинац (до 44 кг), Анамарија Стојмиловска (до 48 кг), Тамара Илиоска (до 52 кг), Дариа Јованова (до 52 кг), Ханија Друштинац (до 57 кг), Теодора Илиоска (до 57 кг), Кристина Гошевска (до 70 кг) и Драгица Рафтовска (до 70 кг).
По поединечните борби, најуспешна е селекцијата што ја претставува Меѓународна џудо-федерација, со вкупно 14 медали, од кои по четири златни и сребрени и шест бронзени, втор е Азербејџан со три злата, едно сребро и две бронзи, а трета е Грузија со две златни, едно сребрено и седум бронзени медали. Во машка конкуренција доминираа Азербејџанците со три злата, а кај девојките исто така селекцијата на Меѓународната џудо-федерација. Вкупно 19 држави освоија најмалку по еден медал. Литванија, која го освои своето прво и единствено злато на ЕП за кадети во 2009 година во женска конкуренција, кога победи Реналда Гедујте (до 63 кг), тоа сега во Скопје му појде од рака на носителот на сребро на ЕП за кадети во 2024 година, Мајус Генис (до 90 кг). Тој во финалето во Скопје го победи Абдула Сулејманов (ИЏФ) и со тоа стана првиот од Литванија што освоил злато во машка конкуренција.
Покрај Литванија, медали до саботата освоија Меѓународната џудо-федерација, Азербејџан, Грузија, Франција, Турција, Полска, Србија, Унгарија, Литванија, Финска, Италија, Чешка, Германија, Хрватска, Белгија, Естонија, Летонија и Шпанија. Г.И.
ОСВОЈУВАЧИ НА МЕДАЛИ
МЏФ 4 4 6 14
Азербејџан 3 1 2 6
Грузија 2 1 4 7
Франција 1 3 2 6
Турција 1 3 1 5
Полска 1 1 1 3
Србија 1 – 2 3
Унгарија 1 – 1 2
Литванија 1 – 1 2
Финска 1 – – 1
колоните се златни, сребрени, бронзени и вкупен број медали