Откако по 12-годишно активно борење го напушти душекот, Колев стана меѓународен судија од екс-категорија и ја делеше правдата на 14 светски и европски првенства. Тој беше омилен меѓу борачите и долг период беше генерален секретар на Балканец, кој беше неговиот втор дом
ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (358) Стојан Колев-Словенецо (2)
Во 12-те години активно борење (од 1965 до 1977 година), кариерата на познатиот штипски борач Стојан Колев-Словенецо беше испреплетена со многу возбудливи моменти. За разлика од повеќето борачи, кои по напуштањето на душекот веќе ги немаше во борачките кругови, ситуацијата со Колев беше многу поинаква. Него не само што го има, и што би се рекло до денешен ден остана со својот спорт, туку тој во одредени тешки периоди беше човекот што со уште два-тројца поранешни клупски другари го спасуваше Балканец да не се загуби од борачката мапа. Словенецо беше човек што ги обединуваше сите и со сиот свој ентузијазам и љубов даваше сѐ од себе Балканец да го продолжи своето живеење и постојано да биде во врвот на борачкиот спорт. Тоа го знаат сите, не само оние што се директно инволвирани во борењето туку и граѓаните на Штип на кои Балканец, заедно со Брегалница, им е при срце.
– Имаше многу моменти кога клубот немаше каде да тренира и мака мачевме со обезбедување адекватен простор за реализација на тренинзите. Но ние неколкумина, кои бевме задоени со овој спорт и го чувствувавме Балканец како наш втор дом, се снаоѓавме во сите ситуации и не дозволувавме клубот да пропадне. За ова, заслуга имаат поранешните борачи, но и луѓето што знаеја што значи Балканец за Штип и колку тој придонесе за спортската афирмација на градот. Секогаш се наоѓаше некој што ќе ни помогнеше и клубот се извлекуваше од периодичните кризи. Меѓутоа, сметам оти најмногу на Балканец му помогнаа штипските пожарникари, кои му ја дадоа на користење на клубот својата сала, која со години, па и денес, е местото каде што борачите ги одржуваат тренинзите – се сеќава на минатите времиња Колев.
Заслужен и за првата титула во самостојна Македонија
Стојан Колев, кој беше многу почитуван меѓу борачите, потоа стана генерален секретар на Балканец. Тој, со оглед на огромното искуство што го стекна во борењето, успешно се снаоѓаше на оваа функција и секогаш, заедно со членовите на Управниот одбор, изнаоѓаше решенија за надминување на сите проблеми и кризи. Нормално, во сето тоа многу му помагаа и луѓето што беа загрижени за судбината на популарниот клуб, кој практично беше основоположник на борењето во слободен стил во Македонија. Меѓу оние што му даваа голема поддршка на Балканец беше и колегата Кирил Манев, кој просто ги будеше градските фактори кога тие ќе го подзаборавеа клубот, кој практично беше гордост на градот.
– Манев секогаш беше со нас борачите. Тој како тогашен директор на Радио Штип имаше голема заслуга за поттикнување на младите да се занимаваат со борачкиот спорт. Благодарејќи на него за борењето се слушаше и се коментираше секоја недела, зашто Радио Штип беше едно од ретките, ако не и единствено радио во Македонија, што вршеше директни преноси од мечевите на Балканец. Тоа беше голем плус за нашиот спорт. Во оваа пригода да кажам оти тој, заедно со претседателот на клубот Мите Николов и тренерот Данчо Стојанов, имаше голема заслуга за освојувањето на првата екипна титула во самостојна Македонија во 1995 година – вели Колев.
Судија од највисок ранг
Меѓутоа, она што е карактеристично кога се зборува за Словенецо и за неговата борачка кариера е големата посветеност кон судењето. Нему, откако престана со активното спортување, со оглед на големото искуство што го имаше акумулирано, не му беше тешко да помине низ сите неопходни фази од републички до меѓународен судија, за во 1995 година да стане борачки судија, и тоа од највисок ранг. Тој е во онаа група судии со екс (ексепсионел) категорија што се вклучени во арбитражата на најголемите приредби, олимпијадите, светските и европските првенства.
– Што се однесува до мојата судиска кариера, имав чест да ја делам правдата на 14 светски и европски првенства, а бев судија и на повеќе мечеви во рамките на Купот на европските шампиони и на десетици меѓународни турнири. Она што е интересно за мојата судиска кариера е тоа што сум единствен меѓу македонските борачки судии што судел и едно светско првенство во женска конкуренција, во 2002 година, во Австрија – вели тој.
Стојан Колев, во сите години поминати на душекот или покрај него, беше редовен делител на правдата на шампионатите на Македонија, а популарниот „Македонски бисер“ не можеше да помине без неговото присуство.
– „Бисерот“ даде голем импулс за уште поголем напредок и афирмација на борењето, кое стана еден од најтрофејните спортови во Македонија. Тој беше интересен и за борачите од другите земји, зашто им даваше можност, особено пред настапите на големите приредби, да ја проверат својата форма. Сите со задоволство доаѓаа на „Македонскиот бисер“. Затоа, не смееме да дозволиме оваа традиционална манифестација да го загуби својот сјај – истакнува Стојан Колев.
Возбудлива судиска кариера
Судиската кариера на Словенецо беше исполнета со многу интересни и возбудливи моменти. Тој се сеќава на сите учества како судија на светските и на европските првенства, но и на меѓународните турнири, од кои со највисок квалитет беше „Дан Колов“, кој го организираше Борачката федерација на Бугарија.
– Јас дури 15 пати судев на овој турнир, кој беше организиран на највисоко ниво и на кој Бугарите му посветуваа посебно внимание. Колку овој турнир беше значаен за нив говори и фактот што освојувачот на трофејот, како награда покрај оние пехари и сувенири, добиваше и автомобил. Јас бев многу изненаден кога делегатот на ФИЛА Албанезе од Италија ме одреди мене за главен судија на мечот меѓу еден од најдобрите бугарски борачи Серафим Брзаков и Гологадзе од тогашниот СССР. Двајцата беа освојувачи на медали на СП, ЕП и на олимпијадите, па, според прогнозите, оваа борба требаше да го даде носителот на трофејот и на автомобилот. Самата помисла оти овој меч е со голем влог и на победникот му носи голема награда, кај мене предизвика возбуда, а почувствував и трема. Бев свесен оти морам да внимавам на секој детаљ, на секој зафат и максимално концентриран да излезам на душекот. Еден мораше да биде победник, а кој ќе биде тој многу зависеше и од мене како судија. Почетокот на борбата навести дека ќе биде многу жестоко, а јас бев задоволен што немаше никакви реакции на моите одлуки и на доделувањето на првите поени. Тоа ме охрабри, но морав и понатаму да внимавам, зашто допрва борбата се распламтуваше и стануваше сѐ понеизвесна. И по тој пекол на душекот, во кој се најдов и јас како судија, конечно дојде крајот на борбата во која на поени победи Брзаков и стана освојувач на трофејот и сопственик на автомобилот. По завршувањето на мечот, најголема награда за мене беше честитката за судењето од тренерот на поразениот Гологадзе. Тогаш и мене ми олесни и си помислив: штом тој ми честита навистина добро сум судел. Потоа дојде и честитката од делегатот Албанезе, а колкава беше радоста на Брзаков и да не зборувам. И тој дојде и изрази благодарност за судењето – продолжи Колев.
Така заврши оваа епизода од судењата на еден од најголемите светски борачки турнири „Дан Колов“.
– Имаше и други возбудливи моменти на кои често се сеќавам. Еден од нив е финалето на Купот на европските шампиони меѓу францускиот Стразбур и бугарскиот Литекс. Бев импресиониран од начинот на кој беше организирано ова финале, а уште повеќе од полното гледалиште во големата спортска сала во Стразбур, каде што во публиката можеби 80 отсто беа жени. Тоа ме изненади, зашто ретко ми се случувало да делам правда пред толкав женски аудиториум – рече тој.
Тука ја завршувам приказната за познатиот штипски борач, судија и функционер Стојан Колев-Словенецо, кој има навистина посебно место не само во штипското туку и во македонското борење. Такви личности треба да се респектираат и почитуваат.
Ова беше како вовед во она што претстои во идните понеделници. Имено, во спортскиот додаток на „Нова Македонија“ ќе презентирам текстови од мојата прва книга „Спортски стории“, во кои има еден сублимат на највредните постигнувања на македонските борачи на меѓународната сцена.