Првите златни медали ќе бидат доделени денеска, во осум спорта. Почнуваат и некои екипни спортови, па во ракомет за мажи денеска играат, на пример, Германија – Шведска, Данска – Франција…, во ракомет за жени утре Бразил – Унгарија, Данска – Норвешка…, во кошарка за мажи утре Србија – САД итн.
ЛЕТНИ ОЛИМПИСКИ ИГРИ ВО ПАРИЗ
Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз синоќа имаа свечено отворање и веќе денеска на програмата се натпревари дури во 24 од вкупно 32 спорта, а ќе бидат доделени и првите златни медали. Првите олимписки шампиони на Игрите во Париз ќе бидат прогласени утринава во стрелаштво, а потоа, според распоредот, и во скокови во вода, велосипедизам, џудо, скејтбординг, рагби, мечување и во пливање.
Денешниот спортски ден почнува во 8.30 часот, со мечеви во бадминтон во Париз, а 12 минути пред полноќ по средноевропско време почнуваат натпреварите во сурфање на Тахити.
Викендов има, на пример, средби во ракомет за мажи (денеска Унгарија – Египет, Хрватска – Јапонија, Германија – Шведска, Данска – Франција…), ракомет за жени (утре Бразил – Унгарија, Јужна Кореја – Словенија, Шведска – Германија, Данска – Норвешка…), кошарка за мажи (денеска Австралија – Шпанија, Франција – Бразил…, утре Србија – САД…), одбојка (денеска Италија – Бразил…, утре Франција – Србија…), фудбал за мажи (денеска Аргентина – Ирак, Доминиканска Република – Шпанија…), фудбал за жени (утре Бразил – Јапонија, Франција – Канада, САД – Германија…), ватерполо за жени (денеска Шпанија – Франција, Грција – САД…), ватерполо за мажи (утре Австралија – Шпанија, Италија – САД, Хрватска – Црна Гора…), денеска ќе почне тенискиот турнир на терените на Ролан Гарос итн.
Вкупно денеска ќе има натпревари во бадминтон, ракомет, веслање, стрелаштво, одбојка, коњички спорт, мечување, хокеј на трева, џудо, артистичка гимнастика, кошарка, скокови во вода, пливање, скејтбординг, тенис, одбојка на плажа, ватерполо, велосипедизам, рагби, кану слалом, фудбал, пинг-понг, бокс и во сурфање. За утре, пак, предвидени се сите спортови од денеска, освен скокови во вода, а ќе има први натпревари во стреличарство и во едрење. Н.М.