Фото: „Нова Македонија“

Покрај Македонија, ќе учествуваат и сениорските репрезентации на Бугарија и на Швајцарија. Црвено-жолтите се подготвуваат за продолжување на квалификациите за ЕП 2026

ОДБОЈКА

Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ) и семејството Хаџииљоски по 49. пат ќе бидат организатори на меѓународниот меморијален турнир „Бранко Хаџииљоски-Чајка“, кој од денеска до четврток ќе се одржи во СЦ „Борис Трајковски“, во Скопје.
Меморијалот, кој премина во традиција и е постојан во годишниот календар на Одбојкарската федерација на Македонија, и годинава се става во функција на машкиот сениорски национален тим на Македонија, како дел од подготовките за квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП), на кој, покрај македонската селекција, ќе учествуваат и сениорските репрезентации на Бугарија и на Швајцарија.
Македонија во квалификациите за ЕП 2026 ќе игра со Грција на 13 август на гости и со Грузија четири дена подоцна дома. На континенталното првенство ќе играат победниците на седумте квалификациски групи и пет најдобри меѓу второпласираните. По првите две кола, во групата Ф Грција има шест бода, Македонија три, а Грузија е без бодови. Македонија игра за пласман на четврто ЕП во низа.
Влезот во салата за сите натпревари на меѓународниот меморијален турнир „Бранко Хаџииљоски-Чајка“ ќе биде слободен, а средбите што ќе ги игра Македонија ќе бидат директно пренесувани на националниот ТВ-сервис, информираат од ОФМ. Г.И.


РАСПОРЕД

Македонија – Швајцарија 17.45 ч.
Швајцарија – Бугарија среда, 19 ч.
Македонија – Бугарија четврток, 19 ч.