Фото: ЕПА

Утре е натпреварот во Оберсдорф, а потоа во Гармиш-Партенкирхен (1 јануари), Инсбрук (4 јануари) и во Бишофсхофен (6 јануари)

СКИЈАЧКИ СКОКОВИ

Организаторите на 73-то издание на новогодишната турнеја „Четири скокалници“ дадоа дозвола за одвивање на возбудливиот зимски спорт на крајот на една и на почетокот на друга година, откако има доволно снег на сите четири стадиони за скијачки скокови.
– Подготвени сме и со нетрпение очекуваме спектакл – изјави претседателот на турнејата Манфред Шуценхофер од Бишофсхофен.
Еуфоријата е голема на сите локации за продажба на билети, а се очекуваат добро исполнети стадиони со над 100.000 гледачи, пишува на официјалната интернет-страница на турнејата. Во досегашниот дел од сезоната во Светскиот куп води Пиус Пашке од Германија, а по него се тројца Австријци, Даниел Чофениг, Јан Херл и Стефан Крафт и Швајцарецот Грегор Дешванден. Актуелен победник на Новогодишната турнеја е Јапонецот Рјоју Кобајаши.
Јане Ахонен од Финска е единствениот што пет пати победил (во 1999, 2003, 2005, 2006 и во 2008 година) на новогодишната турнеја „Четири скокалници“ во скијачки скокови, која се одржува од 1953 година. Германецот Јенс Вајсфлог има четири титули (1984, 1985, 1991, 1996), а по трипати славеа Хелмут Рекнагел (Источна Германија), Бјорн Виркола (Норвешка), Камил Стох (Полска) и актуелниот победник Рјоју Кобајаши (Јапонија). Од нив, само Виркола има три победи по ред (од 1967 до 1969 година). Во 2006 година имаше двајца победници, Ахонен и Јакуб Јанда од Чешка. Вајсфлог и Виркола остварија 10 поединечни победи, Ахонен и Австриецот Грегор Шлиренцауер по девет, Кобајаши осум… Ханавалд во 2002 година, Стох во 2018-та и Кобајаши во 2019 година се единствените што трофејот го освоиле со победи на сите четири скокалници во иста сезона. Кобајаши и уште осум други скијачи-скокачи го освоиле трофејот иако не победиле на ниту еден од четирите натпревари во соодветната сезона, па Кобајаши е единствениот што го освоил пехарот и со сите четири победи (во 2019 година) и без ниту една (годинава)… Н.М.