Од примопредавањето на знамето

Од голема важност е што ние сме домаќини на овој настан и верувам дека со ваков врвен спортски настан целосно ќе се промени џудото во Македонија. Мислам дека нашето членство ќе се зголеми, верувам дека квалитетот ќе биде подобар, ќе стане нешто многу посебно, вели претседателот на ЏФМ, Владимир Трпаноски

ЏУДО

На последниот ден од Европското првенство (ЕП) за кадети во Софија (Бугарија), Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ), предводена од претседателот Владимир Трпаноски, ја имаше честа да учествува на церемонијата на свеченото примопредавање на знамето, при што претседателот на Бугарската џудо-федерација, Румен Стефанов Стоилов, ја иницираше церемонијата со врачување на знамето на претседателот на Европската џудо-унија (ЕЏУ), Германецот Ото Кнајтингер, кој, пак, потоа лично му го врачи знамето на Трпаноски. Водени од претходно врвно организираниот Европски куп за јуниори во 2023 година, од ЕЏУ не го криеја задоволството што токму главниот град на Македонија, Скопје, ќе биде домаќин на ЕП 2025 за кадети (од 26 до 29 јуни), истакнувајќи дека токму Скопје е совршено место за спортистите.
По овој голем настан, ЏФМ прави нов голем чекор понатаму и ќе биде домаќин на главниот настан во календарот на ЕЏУ за 2025 година. Претседателот Трпаноски е одушевен што Скопје ќе биде домаќин на ЕП за кадети в година, потенцирајќи дека тоа ќе биде историски настан за Македонија и уверен е дека ќе има голем придонес за целокупниот развој на џудо-спортот во Македонија, пишува на официјалната интернет-страница ЕЏУ.
– Прекрасно е што ќе бидеме домаќини на овој настан. Вчера ми беше роденден и ова е најдобриот подарок што можев да го побарам. Од голема важност е што ние сме домаќини на овој настан и верувам дека со ваков врвен спортски настан целосно ќе се промени џудото во Македонија. Мислам дека нашето членство ќе се зголеми, верувам дека квалитетот ќе биде подобар, ќе стане нешто многу посебно – рече Трпаноски.


Одлични борби на Балканијадата за помлади пионери во Битола

Со двата натпреварувачки дена, во спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола, во конкуренција на 11 држави, викендов заврши Балканското првенство (БП) во џудо за помлади пионери/ки (до 13 год.), кое помина во одлично организација и на кое беа прикажани одлични борби на четирите татами. Во вториот ден во трка за бронзен медал се вмешаа и македонските репрезентативци Виктор Трчков (категорија до 60 кг) и Марија Китеска (до 52 кг), предводени од селекторот Марин Билјановски, но и покрај одличните борби, не стигнаа до посакуваниот медал и завршија на петтото место. По одржувањето на прелиминарните борби, настанот беше официјално отворен со свечена церемонија, на која беа присутни официјални лица од Балканската џудо-федерација (БЏФ), меѓу кои нејзиниот претседател Бранислав Црногорац, како и амбасадорот на Јапонија во Македонија, Отсука Казуја. Македонските репрезентативци во Битола беа поздравени од претседателот на Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ), Владимир Трпеноски, и од спортскиот директор на репрезентацијата, Дејан Мицкоски, информираат од ЏФМ. Г.И.