Велева ја одбрани титулата во возрасната категорија до 10 години, а Ајрадиноска, која лани победи во категоријата до 16 години, сега триумфира во категоријата до 18 години

ШАХ – МЛАДИНСКИ ПРВЕНСТВА НА МАКЕДОНИЈА

На младинските првенства на Македонија, во категориите до 8, 10, 12, 14, 16 и до 18 години (момчиња и девојчиња), кои се во тек во Струга, со учество на 121 шахист и 32 шахистки, што е најголема бројка во последните три години и може само да радува, засега се познати новите шампионки во две категории.
Во категоријата до 10 години, како и лани, повторно супериорна беше талентираната Илијана Велева (1.067 рејтинг-поени), членка на ШК Алкалоид, која во конкуренција на осум натпреварувачки убедливо го освои првото место со седум поени, пред Кајла Брнс (ШК Капабланка) со 4,5 и Маја Дамеска (ШК Прилеп), како трета, со четири поени, колку што имаше и четвртопласираната Дафина Денковска (ШК Алкалоид). Велева во 2021 година, но како членка на ШК Прилеп, беше шампионка и во категоријата за шахистки до осум години, пред второпласираната Зимоски и третопласираната Бојана Манчевска.
Со нова шампионска титула, но во една категорија погоре од лани, до 18 години, се закити Инџи Ајрадиноска (рејтинг 1.484) од ШК Гамбит Асеко СЕЕ, која го доби дуелот со 4-0, против второпласираната и единствена конкурентка на првенството Теодора Велева (1.283) од ШК Алкалоид. Ајрадиноска во минатата година го освои златниот медал во категоријата до 16 години, освојувајќи 5,5 поени, пред Велева и Бонита Јакимова, и двете од ШК Алкалоид, со по 2,5 поена, додека четврта беше Елена Лушеска од ШК Ласкер, со 1,5 поен.
Новите шампиони и шампионки на Македонија за 2023 година се стекнуваат со право да играат на годинашното јуниорско Европско првенство (ЕП) во Романија (4-15 септември) и на Светското првенство (СП) во Египет до 8, 10 и до 12 години (14-27 октомври) и во Италија до 14, 16 и 18 години (12-25 ноември). Г.И.