Системите за електронски одлуки во тенисот сега може да се класифицираат како златни, сребрени или бронзени според новите процедури за евалуација, објави Интернационалната тениска федерација (ИТФ). Досега постоеше едно ниво на класификација, кое се однесуваше на системи наменети за употреба на настани на елитно ниво. Системот со три нивоа овозможува пристап до технологијата на поширок опсег на нивоа. Златните системи се наменети за употреба на елитни натпревари на меѓународно ниво, како што се гранслем-турнирите, ВТА и АТП-турнеите, купот Били Џин Кинг и Дејвискупот. Сребрените системи се наменети за употреба на меѓународни натпревари од второ ниво, како што е Светската тениска турнеја на ИТФ, а бронзените системи се наменети за натпревари на национално ниво. Промените се воведени по соработката меѓу меѓународните управни тела на тенисот (четири гранслем-турнири, АТП, ВТА и ИТФ). Системите што ги исполнуваат релевантните стандарди добиваат класификација на соодветно ниво и се подобни за употреба во настани под меѓународните управни тела, а принципите според кои се оценуваат системите, точност, сигурност, соодветност и практичност, се исти на сите нивоа, пишува ИТФ. Н.М.