АЛПСКО СКИЈАЊЕ
Многу барав од моето тело во текот на овие месеци. Се обидов да ја продолжам сезоната, но сега моето тело ја плаќа цената. Затоа ја користам предноста што сезоната речиси е завршена за да си дадам одмор, а потоа да продолжам со рехабилитацијата, изјави италијанската скијачка Федерика Брињоне, која брзо се врати по скршеница на ногата и освои два златни медала на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Милано и во Кортина д`Ампецо, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
Овој потег доаѓа откако Брињоне, која освои злато во супервелеслалом и во велеслалом на ЗОИ 2026, беше на 15-то и на осмото место во две трки од Светскиот куп во супервелеслалом викендов.
По повредата на крајот на минатата сезона, таа не се натпреваруваше до крајот на јануари годинава, малку повеќе од две недели пред ЗОИ. На 35 години Брињоне стана најстарата скијачка што освоила златен медал во алпско скијање на ЗОИ, пишува АП. Н.М.
































