ФОРМУЛА 1 – ТРКА ВО КАНАДА
Возачот на Ред бул, Макс Ферстапен победи на трката за големата награда (ГН) на Канада во Формула 1 (Ф1), на патеката „Жил Вилнев“ во Монтреал. За Ферстапен тоа беше 26-та победа во Ф1, една повеќе од легендарните поранешни светски шампиони Џим Кларк и Ники Лауда. Ферстапен триумфира вторпат по ред сезонава, односно по петти пат на претходните шест трки, вкупно шести пат во деветте трки во годинашниот шампионат.
Втор беше Карлос Сајнс од Ферари, за кого тоа беше петто искачување на победничкиот подиум сезонава, а трети и четврти беа двајцата возачи на Мерцедес, Луис Хамилтон и Џорџ Расел.
Во генералниот поредок, по деветте трки, води Ферстапен со 175 бода, пред клупскиот колега Серхио Перез, со 129, и пред Шарл Леклерк од Ферари, со 126 бода. Кај конструкторите води Ред бул со 304 поени, втор е Ферари со 228, трет Мерцедес со 188 итн.
По двонеделна пауза, на ред е трката во Силверстон (Велика Британија), на 3 јули. Л.Д.