Со огромно задоволство ве покануваме на 1 јануари, од 11 часот, во срцето на планината Кожув, да бидете дел од официјалното отворање на скијачкиот центар Михајлово, наведе градоначалникот на општината Кавадарци, Митко Јанчев, на социјалните мрежи. Според најавите, скијачкиот центар ќе располага со ски-лифт, сезонски вртелешки и многу други современи скијачки инфраструктури

Со огромно задоволство ве покануваме на 1 јануари, од 11 часот, на првиот ден од новата година, во срцето на планината Кожув, да бидете дел од официјалното отворање на скијачкиот центар Михајлово. Снегот, кој врнеше изминатите денови, го има во изобилство, но во функција се ставени и топови за вештачки снег. Првата скијачка патека ќе го носи името Македонија, наведе градоначалникот на општината Кавадарци, Митко Јанчев, на социјалните мрежи.
Според најавите, скијачкиот центар ќе располага со ски-лифт, сезонски вртелешки и многу други современи скијачки инфраструктури. Новата скијачка патека ќе биде уште една во Македонија, по Попова Шапка, Маврово, Пониква, Пелистер, Крушево и Ниже Поле.
– Го поздравувам тоа што се прави овој ски-центар во Кавадарци. Тоа ќе ни даде можност уште еден регион во Македонија да вклучиме во зимските спортови. Сакам на 1 јануари и јас да се искачам до Михајлово. Претпоставувам дека е мошне интересно да се види оти се наоѓа во шума, а тоа е многу добро, бидејќи скијачите ќе бидат заштитени од налетите на ветер – вели генералниот секретар на Бијатлон-федерацијата на Македонија, тренер и селектор на македонската репрезентација, Ѓоко Динески.
Зимската служба на ЈП „Комуналец“ во Кавадарци е активна на терен околу финалното средување на ски-центарот до конечното уредување. Со четири возила се чистат патните правци кон селата Страгово, Бохула, Чемерско, Михајлово и Мрежичко, со цел безбедно да се одвива сообраќајот за сите што гравитираат во овие делови, наведува градоначалникот Јанчев на Фејсбук. Г.И.