ОДБОЈКА – ОДЛУКА НА ЦЕВ
- Од следната година Европската лига ќе биде единствена лига преку која пласман на ЕП 2028 ќе обезбедат првите четири репрезентации од двете изданија (вкупно осум), заедно со четирите земји домаќини на првенството, шампионот од ЕП 2026, како и 11 селекции според рангирањето на ЦЕВ по завршувањето на Европската лига во 2027 година, информира ОФМ
Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ) на 46. конгрес во Париз ја презентира револуционерната промена, со која класичните квалификации за континенталните собири ќе заминат во историјата, а Европската лига ќе го замени тој процес. Првиот човек на европската одбојка, Роко Сикириќ, во своето обраќање до претставниците на 55 од вкупно 56 федерации, меѓу кои и претседателот на Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ), Петар Јовановски (кој е и член на Бордот на ЦЕВ), како и генералниот секретар Филип Деспотовски, соопшти дека циклусот за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2028 година ќе се одвива преку изданијата на Европската лига во 2026 и 2027 година, пишува ОФМ.
Од следната година Европската лига ќе биде единствена лига преку која пласман на ЕП 2028 ќе обезбедат првите четири репрезентации од двете изданија (вкупно осум), заедно со четирите земји домаќини на првенството, шампионот од Европското првенство во 2026 година, како и 11 селекции според рангирањето на Европската одбојкарска конфедерација по завршувањето на Европската лига во 2027 година, информира Одбојкарската федерација на Македонија.
Тоа беше еден од главните заклучоци на Конгресот, на кој беше донесена одлука за модификација на календарот во квалификациите за млади категории, беа претставени комерцијалните планови, како и Фондот за солидарност, беа усвоени извештаите за работа на претседателот на Европската одбојкарска конфедерација, како и за активностите на ЦЕВ и финансискиот извештај за 2025 година, и беше дефиниран буџетот за идната година. Свое излагање на Конгресот имаше и поранешниот македонски репрезентативец Вук Карановиќ, кој ја извршува функцијата генерален директор на ЦЕВ, пренесува Одбојкарската федерација на Македонија.
Во пресрет на Конгресот на ЦЕВ, исто така во Париз, беше одржан состанок на Балканската одбојкарска асоцијација (БВА), на кој главна тема на разговор беше календарот за балканските првенства следната година. Следниот, 47. конгрес на Европската одбојкарска конфедерација ќе се одржи на 24 септември идната година во Милано (Италија), пишува ОФМ. Г.И.


































