Тој прескокна 7,65 метри, за 32 сантиметри повеќе од претходниот македонски рекорд во негова сопственост, поставен пред две недели во Малме. Во трката на 60 метри, во финалето, оствари време од 6,9 секунди, една стотинка побавно од неговиот личен рекорд, а четири стотинки од македонскиот рекорд
АТЛЕТИКА
На отвореното првенство во Скиве (Данска), Андреас Трајковски постави нов македонски рекорд во скок во далечина во сала со прескокнати 7,65 метри. Тоа беше подобро за 32 сантиметри од претходниот македонски рекорд во негова сопственост, поставен пред две недели во Малме (Шведска). Тогаш тој со скокот од 7,33 метри го собори 27 години старот рекорд на Тони Дамчески (7,13 метри) од 1995 година. Личниот рекорд на Трајковски изнесува 7,83 метри на отворено, односно 7,87 метри во сала, прескокнати под знамето на Данска.
Во трката на 60 метри, Трајковски во квалификациите имаше време од 6,92 секунди, со што се пласира во финалето, каде што беше уште побрз, со време од 6,90 секунди (го освои петтото место), негов најдобар резултат сезонава, за само една стотинка побавно од неговиот личен рекорд (6,89 секунди), односно за само четири стотинки од македонскиот рекорд (6,86 секунди).
Трајковски (29) е роден во Копенхаген (Данска), татко му е од Македонија, мајка му од Данска. Лани тој доби и македонско државјанство, а од минатиот месец и согласност од Светската атлетика (СА) за промена на националноста по што може да настапува за Македонија на официјални натпревари. Неделава Трајковски го очекува настап на Балканијадата во сала што ќе се одржи во Истанбул (Турција).
Пред десетина дена на митингот во Будимпешта, Јован Стојоски го собори 35 години стариот рекорд на Исмаил Мачев на 400 метри во сала, забележувајќи време од 47,18 секунди. Стојоски е рекордер на Македонија и на 200 метри во сала, со време од 21,56 секунда истрчани лани во декември, во Белград. Во јануари, пак, нов државен рекорд постави и Дарио Ивановски, прв за него во 2022 година и вкупно 21. во кариерата. На митингот во Белград (Србија), во трката на 3.000 метри во сала, Ивановски забележа време од осум минути, една секунда и 63 стотинки и за повеќе од две секунди го собори речиси три години стариот рекорд (8:03,65 минути), остварен на трка во Истанбул (Турција), во февруари 2019 година. Тој е рекордер на Македонија во девет атлетски дисциплини (1.000 метри на отворено, 1.500 метри во сала, 3.000 метри во сала, 3.000 метри на отворено, 5.000 метри на отворено, 10.000 метри на пат, 10.000 метри на отворено, во полумаратон и во маратон).