ШАХ

Светското првенство (СП) на училишни тимови ќе има нова структура годинава, со четири континентални квалификации (Африка, Америка, Азија и Европа), проследени со финале со четири екипи. Првпат одржано во 2023 година во Казахстан, а потоа во 2025 година во САД, СП на училишни тимови е примарно глобално натпреварување во шах за училишта, организирано од Светската шаховска федерација (ФИДЕ) и од Меѓународната шаховска федерација на училиштата (ИСЦФ) во соработка со континенталните тела.
– Секој има нешто што може да научи од некого или да научи некого. Со здружување деца од различни земји и култури да играат шах, ние сееме семе на знаење, креативност и мултикултурализам, кои се неопходни за просперитетен живот и општество. ИСЦФ е возбуден што соработува со ФИДЕ на овој проект и со нетрпение очекуваме успешна серија настани во Годината на шахот во образованието – рече претседателот на ИСЦФ, Тимур Турлов, пренесе ФИДЕ.
Изданието годинава ќе се одржи за време на Годината на шахот во образованието, заедничка иницијатива на ФИДЕ и ИСЦФ за промовирање на улогата и вредноста на шахот како дел од образованието, поддржувајќи ги и когнитивниот и социјалниот развој кај учениците.
– ФИДЕ постојано се залага за образование и учење, а ние отсекогаш верувавме дека шахот е моќна алатка за образование, без разлика дали кај децата или кај возрасните. Четирите континентални првенства, како и финалето, не само што дополнително ќе го промовираат шахот во училиштата, туку ќе бидат импулс за многу ученици да се зафатат со играта, ширејќи го чудото на нашиот спорт понатаму. Исклучително сме му благодарни на ИСЦФ за неговата работа на овој проект, кој има целосна поддршка од ФИДЕ – рече Дана Рејзние, заменик-претседателка на УО на ФИДЕ. Г.И.